Гласањето мирно и без нарушувања

98
Гласањето предизвика голем интерес кај новинарските екипи од регионот и од целиот свет - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Раздвижени луѓе по улиците, но не толку по избирачките места, беше типичната слика што го обележи вчерашниот ден, каде што во мирна атмосфера, без инциденти, но со послаб одзив се одвиваше гласањето на референдумот.
На само два часа пред затворањето на гласачките кутии, улиците на главниот град беа видно раздвижени, за разлика од претпладневните часови. Од едната страна оние граѓани што беа за позитивниот исход на референдумот во колони се упатуваа во правец на хотелот „Александар палас“, во населбата Карпош, каде што објаснуваа дека ќе се подготвуваат да ги одбележат резултатите од гласањето. Од другата страна, пак, онаа другата поголема група граѓани уште пред затворањето на избирачките места, околу 18 часот, се насочуваа кон строгиот центар на градот, каде што пред парламентот се поставуваше голема видеобина, на која беа испишани пароли „8 септември – држава, 30 септември геноцид“ и, според она што се зборуваше меѓу присутните, тие планираа да го прослават негативниот исход на референдумот со кој ќе се заштитела Македонија.

Раздвижено беше и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што првпат во изборните циклуси вратата за влез во централата на партијата беше отворена.
Таму беа присутни новинарски екипи, но и видни претставници на партијата, кои од момент на момент, како што привршуваше крајот на гласањето, пристигнуваа во зградата.

Освен гласачите, вчера главниот град беше домаќин на голем број странски новинари, кои известуваа за случувањата и со своите камери и видеоапарати ја пренесуваа во светот атмосферата од ова гласање во нашата земја.
Белградскиот новинар Александар Миладиновиќ, кој известуваше за случувањата во Македонија, истакна дека тој добил впечаток дека од почетокот на случувањата било јасно дека Владата оставила простор за сценарио Б, за кое верува дека во иднина планира, по референдумот, да го искористи.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Со случувањата во Македонија се покажа дека и скапата кампања и интересното референдумско прашање едноставно не можат да создадат атмосфера што ќе содржи референдумско возбудување што ќе ги мотивира граѓаните да излезат и да гласаат по свое убедување – вели Миладиновиќ.
Пред затворањето на гласачките места, новинарската екипа на „Нова Македонија“ изврши обиколка на неколку гласачки места во државата.
Зорица Цветковска, претседателка на избирачкото место 2.627 во општината Карпош, изјави дека гласањето на ова место минувало мирно и не биле забележани никакви нарушувања.

Таа сепак додаде дека одзивот на гласањето бил видливо помал во споредба со претходните избори, кои таа имала можност професионално да ги следи во општината.
Од друга страна, во општината Центар на гласачките места во основното училиште „Димитар Миладинов“ имаше поголема фреквенција на луѓе. Надлежните што го следат гласањето за референдумот на избирачкото место 2.868 ни изјавија дека одзивот на оваа локација бил голем и тој надминувал 45 проценти од оние што биле впишани во избирачката листа.

Во општината Чаир, пак, репортерските екипи на „Нова Македонија“ забележаа дека групи граѓани се движат во близината на избирачките пунктови, носејќи албански знамиња.