Втора шанса за матура во главниот град како под сач

98
Учениците во гимназијата „Никола Карев“ во климатизирани простории ги полагаат испитите Фото: Дарко Андоновски

Во гимназијата „Никола Карев“ денеска 57 ученици од цела Македонија треба да го полагаат предметот Математика. Во вкупно трите досегашни денови за полагање, овде полагаа околу 200 матуранти. Под голем стрес, на пеколни горештини, учениците се принудени од цела Македонија да допатуваат во Скопје и да дадат сѐ од себе да го надоместат она што го пропуштиле на првиот матурски испит. Светла точка во целата ситуација се управата и наставничкиот кадар во гимназијата „Никола Карев“, кои беспрекорно и на многу високо ниво го организираа испитот, а во ваквиот предизвик тие покажаа и многу повеќе со својот однос за грижа и помош на децата

Точно 1.592 матуранти што не го положија матурскиот испит во јуни кога се полагаше првиот пат државна матура, тоа го прават деновиве. Иако живата во термометарот деновиве се искачува над 40 Целзиусови степени, сепак учениците мораат да патуваат во друг град за да полагаат испити.
Под стрес дали сѐ ќе помине како што треба, децата и нивните родители мораат и да се малтретираат да дојдат во Скопје, во период кога времето е неиздржливо топло.
– Ние сме од Штип. Син ми за да полага утре Математика, мора да оди да го стори тоа во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Не знам зошто надлежните не го решија ова со некакви регионални односно локални центри, за да не мора на целиот стрес, да се малтретираме и ние и децата по патиштата, на ова пеколно време – вели мајка на матурант.
Горица Илиоска, директорка на гимназијата „Никола Карев“, вели дека денеска ќе биде четврт ден во низа за полагање. Досега околу 200 матуранти од Скопје, во оваа гимназија полагаа мајчин јазик, странски јазик и изборни предмети, а денеска 57 ученици од цела Македонија ќе го полагаат предметот Математика. Инаку, според мислењето на многу родители од внатрешноста, досега полагањата биле организирани и реализирани беспрекорно и немало никакви проблеми, а за персоналот на гимназијата и нивниот однос се зборуваше во суперлатив, наспроти ставовите за идејата на Државниот испитен центар (ДИЦ) да се централизираат полагањата.

– Од Државниот испитен центар (ДИЦ) ме прашаа дали се согласувам да се полага во нашата гимназија, на што се согласив, бидејќи имаме клима-уреди во секоја училница. Полагањето во организација на ДИЦ во изминатите денови течеше нормално, без проблеми и со поддршка моја и на професорите во гимназијата. Се вложивме целосно во поглед на поддршката, бевме постојано присутни за време на тестирањето. Знам дека условите се лоши, надвор е претопло, но полагањето започнува во 10 и трае до 13 часот. Ако има потреба ќе ги пуштиме порано – вели Илиоска.

Лилјана Ѓошева, директорката на Државниот испитен центар, за „Нова Македонија“ информира дека за тоа, да се полага токму сега, одлука носат во секторот за средно образование при министерството.

– Не знаевме дека овие денови ќе биде толку топло и жешко. Но во тој сектор ни ги направија датумите за полагање, тоа е во согласност со нив. И јас го поставив прашањето зошто се полага на неколку места, образложението беше дека се гледа на тоа каде има најмногу кандидати за полагање, таму да се организира. Не можеше да се одложи сево ова бидејќи треба да се прегледаат што поскоро тестовите, за да можат децата да се пријават и да поднесат документи за упис на факултет, кои треба да започнат наскоро – вели Ѓошева.

Инаку, таа информира дека за повторен матурски испит се пријавиле вкупно 1.592 кандидати. Мајчин јазик полагале 389 ученици, а 57 Математика. Точно 1.012 кандидати полагаа странски јазици, а 659 матуранти полагаа изборни предмети. Освен во Скопје, се полагаше во Прилеп, Штип, Куманово Житоше, Тетово и во Струга. Во Скопје се полагаше во гимназијата „Никола Карев“, во „Цветан Димов“ и во „Васил Антевски-Дрен“.

Нема прецизен одговор на прашањето кога ќе бидат готови резултатите, но во ДИЦ уверуваат дека оценувачите ќе ги оценат во најкраток можен рок.
Уписите на факултет, односно првиот уписен рок на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е на 29 и 30 август.