Врховен до ДКСК: Судиите се независни и не подлегнуваат на притисоци

118

Врховниот суд ѝ одговори на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и судирот на интереси на вчерашниот допис да бидат внимателни кога постапуваат на општата седница поради судир на интереси.

Во соопштението, на кое не пишува дали е од претседателот, или од сите судии, пишува дека Врховниот суд постапува согласно уставните и законските надлежности, применувајќи ги притоа Уставот, законите, меѓународните ратификувани договори, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

– Судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно Уставот се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред сè оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет. Притоа, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност – пишува во соопштението.

Во досегашната пракса судиите кои постапуваат по конкретни предмети секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на општа седница, при што не подлегнуваат на какви било надворешни притисоци, дополнително се вели во соопштението.

Од судот појаснија дека лани биле донесени вкупно 150 решенија за изземање судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање.

Државната комисија за спречување на корупцијата, вчера испрати допис до Врховниот суд, со кој ги предупреди врховните судии дека не треба да учествуваат на општата седница на која ќе се расправа кој закон за судови да важи за евентуалното нивно разрешување, по поднесените иницијативи на двајца скопски адвокати. Писмото беше адресирано до претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.