Враќањето на странските борци најголем предизвик за Балканот

147

Регионалните експерти истакнуваат дека е тешко да се предвиди како некое лице ќе се однесува по отслужената затворска казна и дали може осуден терорист да ги промени ставовите по враќањето од воените боишта во Сирија и Ирак

Додека повеќето европски држави одбиваат да ги примат назад своите државјани од редовите на Исламската држава што биле на воените боишта во Сирија и во Ирак, Косово периодов постапува поинаку. Имено, приштинските власти во изминатиов период преземаат проактивен план, со кој надлежните институции сѐ повеќе се вклучуваат во активности со кои верските индоктринирани борци повратници од боиштата на Блискиот Исток се обидуваат да ги променат во своите убедувања за општеството и да ги ресоцијализираат во системот. Ова го наведува порталот „Гласот на Америка“, посочувајќи дека минатиот април косовските власти само од боиштата во Сирија примиле назад вкупно 110 граѓани, од кои 74 деца, 32 жени и четворица мажи. Како што пренесува американскиот медиум, бројката на заминати лица во редовите на Исламската држава од Косово изнесува повеќе од 350 лица. Оваа бројка го прави Косово најголем контрибутер на борци по жител во Европа.
Од друга страна, експертот за безбедност Кујтим Бутачи објаснува дека косовските државјани треба да се вратат во својата земја, без оглед на тоа дали извршиле криминал или не, а косовската влада повеќе да се заложи за тоа.

– Не само оние косовски граѓани што учествувале во војните во арапските земји туку и оние што останале, и покрај тоа што сториле кривично дело и покрај фактот што законот забранува косовски граѓани да учествуваат во војна во странство, тие се косовски граѓани и мислам дека секој од нив треба да се врати во својата земја – вели Бутачи.
Тој додава дека лицата повратници не треба да бидат предвреме обвинети ако сториле кривично дело, тоа е, вели, работа на судските органи. Според косовскиот безбедносен експерт, кој се повикува на податоци од косовските безбедносни служби, единствено пет повратници биле одвратени од намерата да преземат терористички напади на домашните институции како резултат на нивното радикализирање и идеолошко убедување стекнато на Блискиот Исток.

Во меѓувреме, прифаќањето повратници од странски боишта е голем предизвик и за многу понапредни држави од Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, коментира за Дојче веле професорот и декан на сараевскиот факултет за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, Неџад Корајлиќ. Според професорот, балканските општества во овој момент сепак не се целосно подготвени за квалитетна ресоцијализација на повратниците.

– Затворските чувари со само еден психолог или педагог не можат да осигурат квалитетна ресоцијализација. Со лицата што се осудени за тероризам би требало да работат тимови од експерти за криминологија, социологија, психологија – додава Корајлиќ.
Регионалните експерти истакнуваат дека е тешко да се предвиди како некое лице ќе се однесува по отслужената затворска казна и дали може осуден терорист да ги промени ставовите во текот на повеќегодишниот затвор. Прогнозите според повеќето експертски размислувања на оваа тема не се оптимистички, со оглед на кадровските и материјалните ограничувања на надлежните установи на Балканот. 


И Македонија се соочува со повратници од ИД

Враќањето на борците на Исламската држава е сериозно прашање, за кое државите од регионот треба да имаат јасна стратегија како ќе бидат третирани тие лица. Засега во Македонија нема прецизна бројка колку лица заминале од државата, колкумина од нив загинале на боиштата, ниту, пак, прецизна бројка колкумина се вратени и дали има македонски државјани борци на ИД во странските затвори. Според непотврдени бројки, процените се дека околу 155 лица од земјава заминале во периодот од 2013 до 2015 година на боиштата во Ирак и во Сирија. Во исто време, државните безбедносни структури имаат некакви процени и анализи за бројот на вратени лица, но она што недостига е програма за ресоцијализација на овие лица. Од она што засега е сторено на оваа тема во земјава се сеопфатните државни документи насловени „Национална стратегија за борба против тероризмот за 2018-2022 година“ и „Стратегија за спречување насилен екстремизам“.
Во студиите во сублимиран заклучок се наведува дека веќе извесен период се намалува бројот на македонски државјани што заминуваат на боиштата на Блискиот Исток. Како една од главните причини за намалувањето се наведува тоа што заминувањето на фронтовите во други земји, од пред неколку години, стана кривично дело, кое се казнува со затвор до пет години, а истото тоа важи и за оние што ги помагаат и организираат овие дела. Втората причина е помалата мотивација на потенцијални борци поради константното слабеење на ИД и нејзината сѐ помала платежна моќ.
Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски за „Нова Македонија“ посочува дека некои од луѓето заминуваа на боиштата на Блискиот Исток за пари, а некои поради идеологија, поради што, според него, вторите се поопасни, зашто се враќаат уште порадикализирани отколку што заминале. Поради сето тоа, тој смета дека казнувањето не е доволно за да се спречи понатамошна радикализација туку е потребна и ресоцијализација.