Во чии раце ќе падне монетата за поткусурување наречена Северна Македонија

1812
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОСЛЕДИЦИ ОД ФРАНЦУСКОТО ВЕТО

Земјата одново се претставува како безбедносен проблем што би требало да го решаваат големите сили, а ЕУ се предупредува дека со неискрената политика за проширување ризикува доминација во регионов на Кина, Русија и на Турција. Дали Македонија повторно извисува со рециклирањето на старо-новата битка за доминација на големите сили на Балканот? И кои се последиците за нас што веќе се насетуваат?

Голема историска грешка. Ова е новата стопати чуена мантра на повеќе западни политичари, аналитичари и медиуми со која го оценија француското „не“ на Мануел Макрон за почетокот на преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ. Поопсежните анализи и прогнози, пак, на маса повторно ја откриваат битката за доминација меѓу светските сили. По француското вето, одново се појавија предупредувања дека Македонија и преостанатите евроатлантски аспирантки од т.н. Западен Балкан, може повторно да бидат во срцето на битката за превласт меѓу глобалните сили, но дека овој пат победници би можеле да бидат земји како Русија, Кина или Турција.

Алтернативна безалтернативност

Изминатиов период постојано се нагласува дека ако процесот за проширување на ЕУ не земе залет, тогаш земјите од т.н. Западен Балкан ќе почнат да бараат алтернативи на сегашните западни партнери. Таква анализа деновиве за БИРН понуди политикологот Јасмин Мујановиќ, кој оцени дека Франција со своето „не“ ја поткопува стабилноста на Балканот и на ЕУ. Тој го обвинува Макрон зашто бил отворен противник на понатамошно проширување на ЕУ и дека со тоа бил подготвен да го уништи дводецениското институционално поврзување меѓу ЕУ и Западен Балкан. Според него, Франција со ветото за Македонија и за Албанија, под изговорот дека прво се потребни реформи во ЕУ и во самите аспирантки пред да продолжи процесот на проширување, всушност само „нечесно одбива да ги артикулира своите реални политики – дека не сака какво било проширување на ЕУ, со што само му штети на кредибилитетот на ЕУ и на демократските можности на Балканот“. Тоа, според Мујановиќ, ќе поттикне еден „маѓепсан центрифугален круг“, во кој земјите ќе се свртат кон алтернативни партнери.
– Сите во Скопје, Приштина, Сараево или во Тирана може да речат: „Благодариме, но знаеме дека Французите на крајот повторно ќе нѐ саботираат и затоа ќе се држиме до нашите нови партнери од доверба, како Москва, Пекинг или Анкара“ – посочува Мујановиќ.

Не се знае кој сака Балканот да биде поделен, слаб и зависен

Слични анализи за битката за доминација на Балканот меѓу глобалните сили нудат и други западни аналитичари, политичари и организации. На пример, повеќе американски сенатори и американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, ја критикуваа одлуката на ЕУ да не почне преговори со Македонија и Албанија бидејќи со неа им се оставало простор за влијание на Русија, Кина или Турција. Палмер изјави дека Стејт департментот на САД е „длабоко разочаран“ од одлуките на ЕУ. Според него, примарната цел на Русија е да ја спречи евроатлантската интеграција на Балканот, да го држи поделен, слаб и зависен од политичката поддршка на Москва. Интересите на Кина во Западен Балкан, според Палмер, се покомерцијални, додека Турција е значаен играч, која го гледа регионот како „свој двор“. Слично и американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна при посетата на Македонија, предупреди од „можни ризици“ на кинеското влијание на Балканот.

– Како што предупредив во други делови во Европа, така и тука предупредив за кинеските инвестиции во чувствителни технологии и за кинеската стратегија на подмитување заради обезбедување инфраструктурни договори – изјави Помпео во Охрид, додавајќи дека САД не сакале Македонија да се мачи „со корупција и со долгови“.

За улогата на Кина и на Русија на Балканот неодамна зборуваа и учесниците на Белградскиот безбедносен форум, на кој тие заклучија дека улогата на Москва во регионот била пренагласена, додека улогата на Пекинг била потценета, како и дека ЕУ и САД требало да сторат многу повеќе ако сакале Западен Балкан да не завршел во рацете на нивните ривали. На пример, бившиот француски амбасадор во Србија Мишел Фуше оцени дека Русија главно е фокусирана на спречување на експанзијата на НАТО во регионот, а особено на земјите како Србија и Босна. Тереза Фалон, директорка на Центарот за руски, европски и азиски студии, пак, ја повтори оцената на бившиот еврокомесар за проширување Јоханес Хан дека Западот премногу се фокусирал на Русија, а премалку на Кина. Таа смета дека Русија го одвлекува вниманието додека Кина гради комерцијални врски со балканските земји.

Француското блокирање на Македонија отвора редица непознаници и неизвесности

Никогаш да не се каже „никогаш“

Во јуни годинава, кога повторно имаше еуфорија за добивање датум за почеток на преговори, со свој извештај излезе советодавната група „Балканот во Европа“. Таа предупреди дека ако не се забрза процесот за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, тогаш шесте земји од регионот може да побараат алтернативи и да ги зајакнат односите со Кина, Русија и со Турција. Според групата, новите односи на балканските земји со источните партнери се резултат на препреките во процесот на евроинтеграциите. Истовремено, како што покажуваат и податоците од Евробарометар, на Балканот се намалува и довербата на граѓаните во ЕУ, при што над една четвртина од нив веруваат дека нивните држави никогаш нема да се зачленат во ЕУ.

– Лидерите на земјите од Западен Балкан имаат можност да му порачаат на Брисел дека ако нема напредок во евроинтегративните процеси на нивните земји, тогаш тие може да побараат алтернативи на нивните декларирани надворешни ориентации – се вели во извештајот.

Во документот се посочува дека ЕУ и понатаму е главен надворешен трговски партнер на земјите од Западен Балкан, со просечен удел од над 75 отсто, но дека истовремено не треба да се занемарат трговските врски со Русија и со Кина, при што првата повеќе се интересира за енергетскиот сектор, додека втората е фокусирана на инфраструктурни проекти преку својата иницијатива за обнова на Патот на свилата. За издвојување за јавноста е едно истражување на Минхенската безбедносна конференција од каде што ѝ се порачува на ЕУ „да внимава на т.н. должничка дипломатија на Кина, односно на сѐ поголемата зависност на балканските земји од кинеските заеми во момент кога спласнува расположението за проширување на ЕУ“.

– Иако Пекинг поддржува членство во ЕУ на земјите од регионот, неговите активности ги зголемуваат сомнежите кај ЕУ дека Кина би можела да го злоупотреби своето економско влијание за политички добивки – многу интересно се предупредува во извештајот во кој Македонија е рангирана на второ место во однос на релативната задолженост кон Кина, бидејќи една петтина од надворешниот долг ѝ е од заеми од Кина.

Безбедносен проблем претходно, безбедносен проблем и потоа?!

Како да се постави Македонија на овие старо-нови душогрижништва? Имено, таквите, да речеме предупредувања, не се нови. Нив ги имаше уште пред да стапи на сцена Преспанскиот договор, за чија ратификација Западот нѐ поучуваше да употребиме и „балкански методи“ бидејќи ни гарантирал евроатлантска иднина. Пред да се усвои Преспанскиот договор, Македонија беше претставувана како безбедносен проблем што би требало по итна постапка да го решаваат светските сили. Сега, откако одново останавме во раце само со датуми за датуми за членство во глобaлните сојузи, повторно сме претставени како безбедносен проблем, заглавен во вечната битка за превласт меѓу светските сили. Прашањето е како Македонија може да изигра мудро овој пат и да извлече некаква национална, ајде може и граѓанска бенефиција, од новото нагласување судирот на светските сили? Македонија е мала земја и зависи од перфидните игри на големите сили. За да може да игра, државата мора да има повеќе адути во ракавите со кои ќе ги брани националните интереси секогаш кога ќе наиде на нови препреки. Но за тоа е потребна јасна и добро разработена длабока и долгорочна стратегија со резервни планови, бидејќи играта на „сѐ или ништо“ само ги зголемува шансите за ново извисување. Интелектуалците, лидерите па и политичарите знаат што е тоа. Дури ги знаат и содржината и наративот на таа стратегија. Само прашањето е дали се подготвени на таква мисија, во интерес на народот и државата, каде што срцето треба да им биде полно со патриотизам, умот полн со знаење, вештини и комбинаторики, а телото подготвено да се остави на олтарот за идните генерации? Како некогаш! Има ли јунаци?


„Геополитика“: Американците не ѝ веруваат на ЕУ

Американската дипломатија се обидува да ги потисне влијанијата на Русија, Кина, Турција и на Саудиска Арабија на Балканот, по што повторно би ѝ го предала регионот на ЕУ заради интегрирање во западната сфера на интереси. Тоа се јавно декларирани цели за новото враќање на САД на Балканот. Но Американците не ѝ веруваат на ЕУ, а особено не на нејзините лидери. Унијата не е подготвена да се откаже од политиката на условување и пред земјите поставува тешки барања. Поради тоа, ЕУ не е способна да ја одигра својата улога во американскиот план за Балканот. ЕУ одново заглави со своите поделби, а САД забрзано дејствуваат за да воспостават геополитички поредок на Балканот, компатибилен на нивните интереси. САД веќе се вкотвени во регионот, со присуство во повеќето земји, меѓу кои и Македонија. Во новиот геополитички контекст, интересите на ЕУ се секундарни во однос на тие на САД, а нивна главна цел е балканските земји што посилно да ги врзат за трансатлантската заедница, односно за НАТО, посочува „Геополитика“.

[email protected]