Во Тетово, Куманово и Кавадарци стапуваат на сила мерки за заштита поради загадениот воздух

116

Во Тетово, Куманово и Кавадарци стапуваат на сила препораките и мерките во случај на неколкудневен надминат праг на ПМ10 честички во воздухот, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од таму посочуваат дека според податоците од Државниот мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од УХМР, прагот на ПМ10 честички ја надминал вредноста од 175 mg/m3 во текот на два последователни дена во Тетово, Куманово и Кавадарци.

Согласно тоа, во овие три градови одлучено е да стапат на сила следните препораки и мерки:

– Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар;

– На сите правни субјекти (работодавци) им се препорачува да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.

– Не се препорачува организирање на спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

– Се препорачува да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Македонската влада Владата треба:

– Да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.

– Да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:

– Да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници.

– Да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство:

– Да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина:

– Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:

– Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.