Во првиот круг во средните училишта се запишале 11.826 ученици, најмногу одбрале стручно образование

231

Министерството за образование ги објави резултатите од доставените прегледи на јавните средни училишта за бројот на пријавени и запишани ученици во првото пријавување, како и бројот на слободни места за второто пријавување (24 и 25 јуни). Според нив, во првото пријавување вкупно се запишаа 11.826 ученици од кои 9.061 ученик за настава на македонски наставен јазик, 2.604 ученици за настава на албански наставен јазик, 130 ученици за настава на турски наставен јазик и 31 повторувач.

Според видот на образованието, најмногу ученици избрале стручно образование или 7.000, додека 4.464 ученици се запишале во гимназиско образование.

Слободни места за второто пријавување има за вкупно 23.410 ученици и тоа во гимназиско образование 5.983 слободни места, a во стручно образование 17.275 слободни места.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 26 јуни.