Во пораст бројот на села со помалку од десет гласачи во Кичевско-Бродскиот регион

159

Иако бројот на гласачи на единствениот избирачки список за претстојните парламентарни избори во општина Кичево е незнатно зголемен, сепак намален е бројот на избирачки места, бидејќи бројот на жители во одредени рурални средини со право на глас е помал од 10, а преостанатите гласачи од овие села своето демократско право ќе можат да го остварат во првото соседно село, каде бројот на гласачи е поголем од 10.

– За претстојните предвремени парламентарни избори бројот на лица со право на глас е зголемен за 114, споредено со последните претседателски избори од минатата година. Така за претстојните предвремени парламентарни избори во нашата општина ќе можат да гласаат 50.410 граѓани, кои своето демократско право на глас ќе можат да го дадат на 113 избирачки места во општината – рече Младен Ванчоски од ПО на ДИК во Кичево.

Тој потенцира дека од едни до други избори бројот на гласачи во руралните средини е се помал а, со тоа и бројот на избирачки места е во постојан пад и, се очекува овој тренд и натаму да продолжи.

– За жал и покрај благиот пораст на гласачи во нашата општина од 50.296 на 50.410, сепак имаме се помалку жители а со тоа и гласачи во селата од Копачијата, Рабетинска и Беличка Река и нивното опаѓање е причина што во дел од овие села со помалку од 10 гласачи да згаснат избирачките места а, преостанатите жители на овие села ќе можат да гласаат во соседното село со над 10 избирачи.Така жителите од селата Ехловец, Малкоец и Душогубица своето право на глас ќе можат да го дадат во село Извор, жителите од селата Рабетино, Дупјани, Патеец  и Козичино ќе можат да гласаат во село Светорача, жителите на Јагол Доленци правото на глса ќе можат да го остварат во соседното село Јагол и дека се зголемува бројот на села со помалку од 10 жители со право на глас, потврдува и следната информација дека селата Лавчани и Иванчишта  имаат само по 10 гласачи или се на долна граница и, може да се очекува за некои од наредните избори да не биде исполнет и неопходниот минимум од 10 избирачи – додаде Ванчоски.

Слична е состојбата и во општина Македонски Брод каде имаме 11 села со помалку од 10 жители, а дел села во оваа општина се наоѓаат исто така на долната граница и како во кичевско и таму треба да се очекува за година или две, бројот на избирачки места да се намали.