Иницијаторот и идеен творец на градбата, архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, објаснува дека скитот ќе функционира како летна школа за веронаука за млади

На висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше, меѓу планинските убавини, два објекта во изградба архитектонски и уметнички го привлекуваат вниманието на посетителите. Вредните раце на неимарите од Охрид, специјалисти за делкање камен и за ѕидање, кое го вршат паралелно со специјална црвена тула, во византиски стил, при нашата посета, ги нанесуваа каменот и тулите на куполите и на целата покривна површина над скитот посветен на светите Кирил и Методиј.

Пред нешто повеќе од четири години, на 31 мај 2014 година, беа осветени и поставени темелите на храмот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј. Иницијативата за градење и идејното решение беа на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој има голема љубов и почит кон браќата.

– Воодушевен сум од извршените градежни работи на проектираниот комплекс, кој веќе го добива свој лик, според мојата замисла и идејниот проект со препознатливата македонска архитектура на конакот и на црквата – со задоволство зборуваше архимандритот Партениј при нашата посета на скитот.
Тој ни објасни дека се гради во византиски стил, како што биле градени средновековните македонски цркви и манастири.

Според отец Партениј, есенва, пред да почнат студените и врнежливи денови, скитот ќе биде покриен со соодветен водоотпорен материјал, а на куполите ќе се постават позлатени крстови. Идната година треба да биде поставен иконостасот, а во зависност од средствата ќе започне и живописувањето.
Старата погранична караула е пренаменета во манастирски конак, а строежот на црквата е започнат од ништо.

Скитот на свети Кирил и Методиј ќе функционира како летна школа за веронаука за млади од Македонија. Изминативе неколку години во бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и во метохот „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица летните кампови по веронаука ги посетија над 7.000 деца, изучувајќи ги основите на христијанството, но и основните морални начела.