Во мешан брак претежно влегуваат луѓе што и претходно верувале во космополитските вредности

1805
Мухамед Зекири и Бисера Јордановска

Дејан Азески

Првпат по триесет години е направена компаративна анализа (заедничко истражување) за состојбите со мешаните бракови во двете најмултиетнички држави на Балканот: Македонија и БиХ, која истовремено се објавува во дневните весници „Нова Македонија“ и „Ослобоџење Сараево“. Авторите Суада Арнаутовиќ и Дејан Азески успеаја да пронајдат по пет случаи на јавни личности во мешани бракови и преку нивните примери да ги анализираат состојбите во двете држави. Фељтонот за етнички мешани бракови го продолжуваме денеска со приказната за поранешните колеги од телевизијата Алсат М: Мухамед Зекири и Бисера Јордановска

Поразителните бројки за минималниот број мешани бракови во нашата држава се дополнуваат со растечката скептичност кај помладите генерации. Значи наместо ставовите да еволуираат кон поголема толеранција и желба за соживот, тие назадуваат со тоа што младите се гетоизираат во сопствените средини. Според нашиот денешен соговорник и поранешен колега Мухамед Зекири, ни младите ни старите не треба да дозволуваат друг да им ја крои судбината и да се поведуваат од мислењето на околината бидејќи на крајот на денот се заспива само во сопствената кожа, а не во туѓите очи.
Досега во нашето истражување вклучивме повеќе јавни личности од Македонија и од Босна и Херцеговина, кои преку своите интересни приказни и примери ни донесоа навистина издржани заклучоци. Серијата ја продолжуваме со приказната на еден долгогодишен новинар и актуелен политичар, Мухамед Зекири, кој моментално ја извршува функцијата потпретседател на СДСМ. Тој од неодамна е во брак со уште една наша колешка Бисера Јордановска -поранешна директорка на Алсат М. Двајцата се припадници на различна вера и националност, а заедничко за нив е дека не го сметаат тоа за никаков проблем и негативност.
Според Зекири, бракот, пред сѐ, треба да биде заедница на двајца, кои со слободна волја се одлучиле за него затоа што се сакаат, почитуваат и се прифаќаат такви какви што се.

– Бракот не треба да е условен од други околности – традиција, одобрување од потесниот круг на семејството и пошироката околина, или врз основа на етничка, религиска или друга припадност. Но тоа, за жал, кај нас и натаму игра голема, некогаш и пресудна улога, па во таа смисла сите бракови што почиваат на искрени мотиви се влог во една подобра иднина на нашата земја! Тоа особено важи за мешаните бракови бидејќи сопружниците најчесто морале да надминат пречки, кои за други се непоимливи – вели Зекири.

Коментирајќи ги статистиките според кои Македонија е на самото дно по бројот на склучените бракови од ваков тип, Зекири смета дека уште во почетокот е погрешно воопшто да се зборува за вакви и за такви бракови.
– Поразителен е самиот факт дека се води посебна статистика за мешани бракови. Тука е и одговорот на прашањето – токму тоа укажува на предрасудите за, како што велите, „бракови од ваков тип“ и колку тие се длабоко вкоренети во општеството, па дури и системски програмирани. Нашиот брак е брак како и сите други, се склучува по исти правила, одговараме на исти прашања и пред исти матичари. Се води ли на пример статистика за среќни бракови и колку од „немешаните“ се такви? Мора фокусот од вера или етникум на партнерите да го свртиме кон суштинските нешта за да се смени перцепцијата и да се овозможи сето тоа да стане толку нормално што ќе нема веќе потреба од посебна графа во статистиките… – објаснува нашиот соговорник.

МЕШАНИТЕ БРАКОВИ КАЈ НАС СЕ СКЛУЧУВААТ ОД КОСМОПОЛИТСКИ НАСТРОЕНИ ИНДИВИДУАЛЦИ, КОИ ОДНАПРЕД СЕ ПОДГОТВЕНИ НА ОСУДА ОД СРЕДИНАТА

И во двете претходни продолженија утврдивме дека предрасудите и посериозните проблеми со кои се соочуваат лицата што се одлучиле да стапат во мешан брак сѐ уште се активна категорија во нашата држава. Најстрашно од сѐ е што повеќето од овие осуди и напади, доаѓаат од најтесните семејства.

Според Мухамед Зекири, интересно е дека многу од гласните критичари се всушност само лицемери, веројатно, први би го направиле тој чекор, но немаат храброст.
– Реално има многу повеќе мешани врски отколку што се официјализирани, бидејќи повеќе им годи да глумат морални апостоли во своите изолирани кругови и да живеат во зона на комфорот. Сепак, ние малкумина сме потсетник дека исправно е секогаш цврсто да стоиш зад своите убедувања, без разлика на последиците – вели Зекири.
Тој ни раскажа дека не го смета за случаен фактот што со неговата сопруга се запознале на работното место во телевизијата Алсат М, која во тој период, пред 12-13 години, беше пионер во рушењето на предрасудите и меѓуетничките бариери во нашето општество и прв таков пример во поширокиот регион.

– И двајцата сме можеле да работиме во кој било етнички „чист“ медиум, но свесно сме ја одбрале токму двојазичната телевизија и тоа многу кажува за нашите сфаќања. Од првиот момент кога ја запознав, во неа видов нешто посебно, различно, едноставно нешто што за мене претставува/ше совршена личност! – вели нашиот соговорник.
Зекири признава дека се соочиле со негодувања од страна на семејствата и пошироката околина.

– Секако, но никогаш во животот не треба да се водиме од тоа што ќе кажат другите, туку треба да си го следиме срцето и да не дозволуваме други луѓе да решаваат за нашите животи – нагласува Зекири.
Дециден е дека тој интимно никогаш немал двоумење во врска со тоа дали треба да стапи во брачна заедница со припадник на друга националност и вера.

НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ Е ШТО МЛАДИТЕ ИМ РОБУВААТ НА СТЕРЕОТИПИТЕ ОД ПРЕТХОДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Нашите истражувања, но и официјалните статистики, за жал, покажаа неколку загрижувачки констатации. Имено, процентот на и онака малкуте мешани бракови дополнително се намалува како што поминуваат годините. Ова, пред сѐ, се должи на сѐ послабата меѓусебна комуникација што ја имаат младите од различни националности во Скопје и во Македонија.

– Последната констатација, за жал, е точна. Апсурдно е средношколци или студенти што живеат во нашата земја како прво да не го познаваат ни јазикот на другиот, а да не зборуваме за другите културолошки и слични особености на заедниците на кои не припаѓаат. Со сила убавина не бидува, но мора на многу нивоа во општеството да се работи на зближување на младите од различните националности, првично во образовниот систем, а потоа и во преостанатите сфери – порачува Зекири.
Тој им порачува на младите дека мешаниот брак не е само сплет од проблеми туку напротив дека е поврзан со многу убави и незаборавни моменти.

– Најубавото е во тоа што си пример во општеството дека може љубовта да ги победи сите предрасуди и осуди што си ги почувствувал на своја кожа. Интимно, предноста е што речиси секојдневно се запознаваш со навики и обичаи и слично, кои можеби си ги слушал, но не си имал можност да ги живееш или почувствуваш – нагласува тој.
Зекири ексклузивно ни најави и дека наскоро со својата љубов, сопругата Бисера, очекуваат принова.

Веројатно понесен од емоциите на сево ова, тој на сите млади што се во врска со припадник од друга националност, а се плашат да го признаат тоа, им пренесува една навистина топла порака.

– Следете си го срцето, нека не ве интересира што зборуваат другите за вас и не дозволувајте други да ви ја кројат судбината и да решаваат за вашите животи, оти на крајот на денот си заспивате во вашата кожа, а не во туѓите очи! – е пораката на Зекири.