Во итни случаи јавете се на…

149
Фото: Игор Бансколиев

Предвидувањата на надлежните органи се дека имплементацијата и спроведувањето на овој систем, кој беше најавен уште пред неколку години и на чија неопходност од воведување укажува и Европската комисија, ќе почне некаде во почетокот од 2021 година

Случувањата со земјотресите и природните катастрофи во соседна Албанија, во кои животот го загубија најмалку 18 лица ги вратија сеќавањата на слични непогоди со кои во минатото се соочи и нашата држава, меѓу кои најсвежи се сообраќајната трагедија кај Ласкарци, но и поплавите во Скопско, при што животот го загубија 22 лица. Граѓаните и во двата наврата сведочеа дека, и покрај многубројните обиди, тогаш никој не одговарал на нивните повици кон бројот 195 на Центарот за управување со кризи, коментирајќи истовремено дека тие всушност и не биле сигурни каде точно да се обратат за совети и прашања со непогодата, но и несреќата. Неколку месеци по автобуската сообраќајна несреќа, но и нешто повеќе од три години по поплавите во Скопско, и покрај многуте забелешки на Европската комисија во извештаите за Македонија и препораките што поскоро да профункционира единствениот број 112, кој треба да ги замени сите броеви на службите на полиција 192, противпожарна заштита 193, брза помош 194 и управување со кризи 195, системот сѐ уште е заглавен низ македонските институционални лавиринти, а универзалниот повикувачки број за итни случаи никако да профункционира.

Иако граѓаните потсетуваат дека имплементацијата и спроведувањето на овој систем беа најавени уште пред неколку години и во меѓувреме не е направено ништо конкретно, од ЦУК и од Владата го тврдат спротивното.
Одговорните за односи со јавност во ЦУК на прашањето зошто се доцни со имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 и до каде е овозможувањето на целокупниот сервис информираат дека во моментов се работи на градежно, информациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар за единствениот европски број за итни повици 112. Предвидувањата на ЦУК се дека имплементацијата ќе почне некаде во почетокот од 2021 година.

– Имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 е започната и во најголем процент воведувањето во употреба на овој број треба да заврши кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година. Обезбедени се финансиски средства за завршување поголем дел од имплементацијата и воведување во употреба на единствениот европски број за итни повици 112. Паралелно со набавката на опремата ќе се работи и на обука на лица што ќе ги примаат повиците и ќе управуваат со нив. Во моментов исто така се работи на градежно, информациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар за единствениот европски број за итни повици 112 – информираат од ЦУК.

Според нивните објаснувања, имплементирањето на 112 не би значело едноставно воведување нова телефонска линија, туку техничко и оперативно зајакнување на капацитетите и ефикасноста во системот на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации. Како што наведуваат одговорните од Центарот за кризи, најголемата придобивка на 112 ќе биде токму излегување во пресрет на овие проблеми, кои се случуваат во соседството, но и неодамна кај нас.

– Единствениот европски број за итни повици 112 претставува телефонски број за итни повици од страна на граѓани на Македонија, како и странски лица што се наоѓаат на наша територија, а забележале настан со потенцијална опасност за животот на луѓето или материјалните добра. Бројот за итни повици 112 во иднина би ги заменил броевите на итните служби на полиција 192, противпожарна заштита 193, брза помош 194 и управување со кризи 195, а неговата имплементација се спроведува со грант финансиски средства на ЕУ, но и со одреден дел учество и на Македонија – информираат оттаму.

Од Владата меѓу другото побаравме одговор и на прашањето колку средства досега се потрошени за имплементирањето на 112 и уште колку треба да се одвојат за Македонија да добие ефективен систем на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации, а оттаму, слично како од ЦУК, ни одговорија дека се работи на имплементацијата на европскиот систем за итни повици 112.

– Со воведувањето во употреба на единствениот европски број за итни повици 112, секако, ќе бидат обезбедени и мултијазична поддршка, достапност до бројот до многу ранливи категории на луѓе (луѓе со различен вид на попреченост) и достапност на единствениот европски број за итни повици 112 преку социјални мрежи и др. – информираат од Владата.

Според општата дефиниција на итниот бројот 112, се работи за бесплатен број на кој граѓаните, независно дали се од Македонија или граѓани на други држави надвор од Унијата и во неа, без разлика на телефонскиот оператор и без разлика во која земја се наоѓаат, би можеле да се обратат во случај на опасност, независно дали имаат потреба од полиција, брза помош, противпожарна заштита или друг вид помош во случај на неволја.

Инаку, системот на „112“ веќе со години постои во земјите од ЕУ и константно се надградува за што поефикасно справување со итни ситуации. Од земјите од опкружувањето бројот за итни случаи 112 веќе се користи во соседна Грција и Бугарија и е при крај да се имплементира во Србија, која, како нас, не е членка на ЕУ. Сепак, граѓаните во Македонија засега единствено можат да се потпрат на тоа дека сегашните неколку линии на итните служби ќе им излезат во пресрет доколку им притребаат.

Според тврдењата на домашните експерти, по сообраќајната несреќа кај Ласкарци, но и поплавите во Скопско, важноста на ваквиот единствен систем што би ги обединувал и координирал итните служби е од огромно значење за граѓаните, бидејќи сегашната практика околу функционирањето на итните служби создава мала забуна и се губи време во ситуации кога секоја секунда е драгоцена.

[email protected]