Во август пред матичар, во декември во судница за развод

Во Македонија расте бројот на склучени бракови, но исто така се зголемува и бројот на разводите. Според експертите по семејно право, во минатото индивидуалните потреби на поединецот беа ставени во втор план – тие беа жртва на пошироките семејни или државни интереси. Денес потчинувањето на интересите на семејството или на пошироката заедница веќе не е во мода

Македонците најмногу прават свадби во летниот период, поточно во август, а најголем број разводи се случуваат во декември, велат податоците од Државниот завод за статистика.
Минатата, 2017 година се бележи пораст на склучените бракови за 4,4 проценти, а тоа изнесува 13.781 склучен брак, за разлика од 2016 година, кога бројот на склучени бракови изнесува 13.199.

Од склучените бракови минатата година, 12,9 отсто се склучени во август, а најмалку во март, односно 764, или 5,5 проценти.
И покрај тоа што бројката на склучени бракови е во пораст, сепак, поразителен е фактот што расте бројот и на разведени бракови и бројката изнесува 1.994 разведени брака.
Во 2016 година, пак, бројката на разведени бракови изнесува 1.985.
Според Дејан Мицковиќ, професор по семејно право, значајна вредност што доминира во современата цивилизација е индивидуализмот. Причината за дефинирањето и сфаќањето на бракот е токму во него.

– Во минатото индивидуалните потреби на поединецот беа ставени во втор план – тие беа жртва на пошироките семејни или државни интереси. За разлика од тоа, индивидуалните интереси, слободата, автономијата и потрагата по среќа се вредности што ја карактеризираат западната цивилизација. Потчинувањето на интересите на семејството или на пошироката заедница веќе не е во мода – смета професорот.
Тој вели дека еден од сопружниците се определува за развод кога користа што сметал дека ќе ја добие е помала од неговите „трошоци“, односно она што го добива со она што смета дека требало да го добие во тој брак, но и оној што има подобра ситуираност, и тоа не само материјална.

– Постојат голем број причини за разводот на бракот. Во сите европски земји, во последните децении на 20 век дојде до либерализација на разводот, до намалување на влијанието на вината при разводот на брак и до прифаќање на моделот на развод што се темели врз неуспехот на брачната врска. Социоекономскиот статус има влијание врз стапката на разводи. Голем број истражувања утврдија дека хетерогамните бракови, во кои помеѓу брачните другари постојат етнички, религиозни, образовни, социоекономски и други разлики, се разведуваат многу почесто од хомогамните бракови. Исто така, сите истражувања покажуваат дека постои тесна врска меѓу религиозноста и стабилноста на бракот. Значајна улога за стабилноста на бракот има и возраста на брачните другари. Голем број истражувања покажуваат дека склучувањето брак на рана возраст (под 20 години) претставува фактор за зголемување на бројот на разводите на брак – смета Мицковиќ.


Расте бројот на разводи во Албанија

Статистичките податоци од албанското министерство за правда потврдуваат дека минатата година во земјата се регистрирани 7.956 разводи, што е најголема бројка во последните пет години. Споредено со 2016 година, лани имало 311 разводи повеќе.
По бројот на разводи прва е Тирана со 1.897 разводи, па следуваат Валона, Елбасан, Фиер, Скадар и Корча.

Според судските психолози, најголема причина за разводите е емиграцијата, со големите социјални проблеми што ги произведува, главно како резултат на заминувањето на мажите во странство. На второ место е коцкањето. Барателите за развод во овие случаи се жени, кои сакаат да ги заштитат децата и имотот.