„Волците“ први на удар

1347
Фото: Игор Бансколиев

Полкот за специјални операции не се расформира, туку ќе се спушти на понизок ранг и ќе се трансформира во Баталјон на специјални сили, кој ќе ѝ биде потчинет на Оперативната команда, а не како досега на Генералштабот. Според воено-политичките аналитичари, секоја армија во светот има своја воена единица заштитен знак по која ја препознаваат, а за АРМ тоа со сигурност беше единицата „Волци“

Армиската формација за специјални намени, попозната под своето кодно име „Волци“, во иднина ќе се трансформира. Информациите поврзани со судбината на најпознатите воени специјалци станаа актуелни во домашната јавност по изјавите на професорот на Факултетот за безбедност на Европскиот универзитет Александар Нацев.Тој излезе со тврдења дека поради политички договор помеѓу СДСМ и ДУИ поседува информации дека оваа воена единица во иднина ќе престане да постои.

Како заштитен знак и препознатлив бренд на нашата армија , нашиот весник побара мислење од државниот врв за судбината и иднината на оваа армиска формација.
Од кабинетот на врховниот командант и претседател Стево Пендаровски за „Нова Македонија“ вчера појаснија дека Единицата за специјални намени „Волци“ нема да прекине да постои, туку таа единствено ќе се трансформира, а сето е во согласност на новата формациска структура на армијата, по предлог на Генералштабот на армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, која неодамна ја потпиша претседателот Пендаровски.

– Полкот за специјални операции не се расформира, туку се трансформира во баталјон на специјални сили, кој ќе ѝ биде потчинет на Оперативната команда, а не како досега на Генералштабот. Како што е утврдено и во стратегискиот одбранбен преглед, донесен во јуни 2018 година, баталјонот на специјалните сили ќе извршува специјални задачи во согласност со доктрината и практиката на специјалните сили на НАТО. Покрај командата, баталјонот ќе се состои од две чети на специјални сили (од тимски состав) и логистички вод – велат од кабинетот на шефот на државата.

Оттаму додаваат дека во однос на кадровските капацитети, вработувања и распоредувања на припадниците на единиците на армијата, претседателот како врховен командант ќе ги поддржува сите чекори насочени кон подобар квалитет на условите на живот и работа на војниците, нивната опременост и подготвеност, цели што се уште позначајни во пресрет на нашето членство во НАТО.

– Соодветната и правична застапеност на сите заедници во армијата е принцип што мора да се зачува. Иако претседателот нема надлежност над поединечните конкурси за вработување припадници на армијата, како врховен командант поддржува политики преку кои ќе се овозможи соодветна и правична застапеност на сите заедници во армијата и принципот кој и да е војник, на кое било место на кое ќе конкурира да биде избран исклучиво врз основа на своите способности – се вели во одговорот на врховниот командант Пендаровски.

Во контекст на актуелните случувања, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека секоја армија во светот има своја воена единица заштитен знак по која е препознаена, а за АРМ тоа со сигурност беше единицата „Волци“.
– Од друга страна, секоја гарнитура што раководи со државата и особено со одбраната на земјата има и своја визија како треба да биде изградена војската на Македонија. Во конкретниот случај професионалците и натаму остануваат на своите работни места во единици единствено со поинакво име, но и со поинаква командна структура – вели Стефаноски.

Аналитичарот тврди дека иако бил голем симпатизер на „Волците“, како и поголемиот дел на македонската јавност, сепак државната стратегија на власта за оваа наемна имала очигледно поинаква визија за овој дел на војската.


Кои се „Волците“?

Хронолошки гледано наназад, на 1 март 1994 година првпат во армијата на Република Македонија беше формирана единица за специјални намени под името „Волци“.
Во годините на своето постоење ова име стана синоним за припадник на армијата што поседува врвна обученост и кој рамноправно и во секакви ситуации се справува со секаков вид предизвици на начин што не само што е компатибилен со изведување на обуката туку е и рамноправен со најреномираните специјални единици на армиите на земјите-членки на НАТО.
Во декември 2003 година, со одлука на тогашниот врховен командант на армијата на Република Македонија, претседателот Борис Трајковски, единицата е преструктурирана во одред за специјални намени, додека во ноември 2006 година е извршено повторно преструктурирање на единицата во полк за специјални операции.
Во досегашната историја, припадниците на единицата можат да се пофалат со голем број одликувања, меѓу кои и Орден за воени заслуги, доделен во 2005 и 2012 година од претседателите Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов по повод одбележувањето јубилеите од основањето на АРМ. Натаму, припадниците на „Волците“ поседуваат и стотици меѓународни медали добиени од сојузничките армии и НАТО, во кои се вбројуваат: Медал за храброст, Бронзе стар, Ачиевмент медал, АРЦОМ медал, НАТО-медал, Алтеа-медал и Медал на националната гарда на Вермонт.
Како клучно тело во безбедносните структури, единицата активно учествувала во низа операции за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и сите мировни мисии поддржани од НАТО во Ирак, Авганистан и Босна и Херцеговина, почнувајќи од 2003 година досега.

[email protected]