Военото врзување за само една страна има низа предизвици

481
Дејан Азески

Македонија е се поблиску до НАТО сојузот. Потпишувањето на пристапниот протокол за влез во НАТО е само административна, официјална потврда на она што македонската политика го гради во последните 25 години, изјави соработникот на „Нова Македонија“ Дејан Азески, кој деновиве е особено актуелен во балканските медиуми, објаснувајќи ја политичката ситуација во Македонија.

Азески додава дека влегувањето во НАТО-пактот претставува единственото прашање за кое постои консензус на сите водечки политички сили во Македонија во изминатите години.

– Тука всушност е предноста на Македонија во однос на БиХ, Србија и на Црна Гора. Во овие три држави постојат изразено поделени мислења, а во Македонија НАТО има мнозинска, веројантно и двотретинска поддршка – истакна Азески, кој е магистер по меѓународни односи, за порталот „Вијести“ од БиХ.

Тој смета дека и македонската опозиција апсолутно го поддржува процесот кој е суштински за стабилноста на земјата, иако денес реагира, поради начинот на кој се влегува во НАТО (поради промена на името на државата).

Азески, од гледна точка на магистер по меѓународни односи и на историчар, вели оти малите држави треба секогаш да одржат воена неутралност и да ги сочуваат добрите односи со двете страни. 

– Военото врзување за само една страна има низа предизвици и реални опасности кои засега не можеме да ги согледаме објективно. Без разлика на бројните историски примери, можам единствено да ги посоветувам македонските власти да бидат претпазливи и помалку еуфорични во овој процес. И да го следат словенечкиот и словачкиот мирољубив пример, а не полскиот военохушкачки пример во НАТО – порачува Азески.

Тој се осврна и на позицијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговата држава, во колумна за институтот „ИФИМЕС“.

– Ципрас го чека голем предизвик на 20 октомври кога ќе се соочи со бирачите на редовните парламентарни избори во Грција. Ципрас, сепак, нема да има толкави проблеми со народот (за четири години успеа буквално да го спаси од должничко ропство кон ЕУ), какви што ќе има со грчките политички елити и династии. Ципрас, сепак, не треба да се отпишува. Па така, од човекот кој успеа со потполно нова партија да го сруши монополот на ПАСОК и на Нова демократија на грчката политичка сцена, и од човекот кој од „непријател број еден“ за официјален Брисел, стана најдобар партнер и фактор на стабилност за целиот регион, може да се очекува се. Дури и да ја добие Нобеловата награда за мир – пишува Азески.