Воведени три нови типови инсулин со сертификат за квалитет

1640

Во изминатиот период се направени суштински реформи во здравствениот систем за обезбедување најквалитетен третман за пациентите со дијабетес мелитус и други ендокринолошки заболувања, соопшти Министерството за здравство.

Воведени се три нови типови на инсулин – два инсулински аналога, инјектибилни и таблетарни. Сите пациенти со дијабетес сега добиваат оригинални инсулини со сертификат за квалитет, којшто не е од паралелен увоз. Дополнително, се набавени и 10 инсулински пумпи.

Во буџетот за годинава се обезбедени 750 милиони денари за набавка на инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин. За споредба, во 2018 година буџетот изнесувал 650 милиони денари, а во 2019 година – 692 милиони денари, што покажува котинуиран раст на средствата во буџетот за третман на пациентите со дијабетес.

Паралелно со тоа, на Клиниката за ендокринологија е набавена нова медицинска опрема, како и нов најсовремен ехотомографски апарат за преглед на тироидна жлезда и обновен e офталмолошкиот кабинет, кој е збогатен со нови софистицирани апарати за навремена дијагностика и лекување на офталмолошките компликации на дијабетесот.