Владиците на МПЦ-ОА се вратија во своето старо седиште?

566

Македонските владици вчера, првпат во поновата историја, заседаваа во некогашното седиште на Охридската архиепископија, од која произлегува историскиот континуитет на денешната МПЦ-ОА. Но засега никој од нив не ги открива причините за ваквата постапка

Владиците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на вчерашната синодска седница одржана во Охрид не го отвориле прашањето за одлуката со која Српската православна црква на последниот собор пред повеќе од еден месец реши да ги возобнови преговорите со нашата црква. Велат дека не добиле писмено известување од српските владици и затоа не разговарале на оваа тема. Но интересен е фактот дека македонските владици, првпат во поновата историја, заседаваа во некогашното седиште на Охридската архиепископија, од која произлегува историскиот континуитет на денешната МПЦ-ОА.
Обично овие состаноци на владиците се одржувале во седиштето на Синодот на МПЦ во Скопје, во зградата веднаш до соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Засега никој од МПЦ не ги открива причините за ваквата постапка.

Што се однесува до темата за односите со Вселенската патријаршија, за која се очекуваше дека ќе биде предмет на разговорите и можниот одговор на вселенскиот патријарх Вартоломеј, на седницата за тоа не се разговарало.
Владиците на МПЦ-ОА веќе неколкупати имаат излезено со свој став дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вчера изјави дека до нив сѐ уште не стигнало некакво известување од Српската црква за евентуално воспоставување дијалог меѓу двете цркви.

– Сѐ додека информациите ги добиваме преку медиумите не можеме ништо да коментираме, ниту, пак, да одлучуваме. Кога ќе имаме конкретни одлуки, ќе ја информираме јавноста за сите детали – одговори г. Тимотеј.
Верските аналитичари велат дека владиците на МПЦ мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која потоа одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување. Тие сметаат и дека МПЦ-ОА треба да чека изјаснување и став од Вселенската патријаршија за нејзиното прашање, зашто таа е последната инстанца што може да ѝ го додели томосот за автокефалност.