Владини делегации положија цвеќе во спомен на Борис Трајковски

76

Повеќе делегации на Владата денеска положија венци со свежо цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски, во рамките на одбележувањето на 16-годишнината од неговата смрт.

Делегација на Владата предводена од министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, заедно со министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, положија венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Трајковски на Градските гробишта Бутел во Скопје.

На споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски во Струмица свежо цвеќе положи владина делегација во состав Горан Сугарески, министер за транспорт и врски, Елизабета Наумовска, заменик-министерка за образование и наука, и Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Денеска се навршуваат 16 години од смртта на Борис Трајковски и на членови на неговиот кабинет и на екипажот на авионот кој се урна во близина на Мостар во Босна и Херцеговина.

Сеќавањето на претседателот Трајковски останува силно како прв човек на државата во многу сложени времиња за нашата земја и за граѓаните и како личност кој имаше непоколеблива визија за нашата земја како членка на НАТО и ЕУ, како општество на сите граѓани и фактор на мирот и стабилноста во регионот.