Владиката Петар: Официјалното признавање на МПЦ е само преку Цариград

140

Во очекување сме на одговор од Вселенската патријаршија и од вселенскиот патријарх на писмото што го испрати МПЦ и тоа ќе биде, најверојатно, кога ќе се создадат можностите за да започнат официјални преговори. Официјалното признавање на МПЦ е само преку Цариградската патријаршија, изјави владиката Петар вчера во Прилеп, кој чиноначалствуваше со богослужбата во прилепската црквата „Свето Благовештение“.

– Досега имаше неофицијални, но очекуваме известување за да започнат официјалните разговори. Признавањето на автокефалноста на МПЦ е преку Цариград. А признавањето од една, две или три цркви е една работа. Сѐ додека Цариградската патријаршија, или цариградскиот патријарх не потпишат томос за признавање автокефалност, не би можело да биде прифатено признавањето автокефалност на која било црква – објаснува владиката Петар.

Политичките доближувања со соседните држави може да придонесат за признавањето на МПЦ. Што се однесува до заедничкото патување во Ерусалим помеѓу архијереите на МПЦ и на БПЦ, тоа е формалност, зашто секој архијереј ќе го прими благодатниот оган за својата црква.

– Ние повеќе години го примаме благодатниот оган од Ерусалим, но годинава нашиот блажен архиепископ одлучи да испрати наш архијереј во Ерусалим. Се разбира дека ќе има и архијереј на Бугарската православна црква и заедно ќе бидат во Ерусалим и секој архијереј ќе си го донесе за својата црква благодатниот оган. Разликата е што овој пат архијереите на двете цркви, на МПЦ и на БПЦ ќе патуваат заедно, со авион, најверојатно на Владата на Бугарија – рече владиката Петар.