Влада: Нема да се гради ски-центар на Галичица

306

Нема да се гради ски-центар на Галичица, а ќе се донесе и ДУП за охридското крајбрежје, велат од Владата по извештајот што го објави УНЕСКО минатата недела, а со кој се препорача Охридскиот Регион да биде вклучен во списокот на загрозени светски вредности.

Владата соопшти дека Националната комисија за УНЕСКО во координација со владиното интер-ресорско тело со кое претседава претседателот на Владата, Зоран Заев е вклучена во подготовката на Извештајот за напредокот за 2020 година кој нашата држава треба да го достави до Центарот за светско наследство на УНЕСКО до 1 февруари оваа година.

Како што информираат од Владата, периодов донесен е План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита.

Во рамките на овие активности поништени се плановите и проектите за ски-центар и пат низ Националниот парк Галичица, како и старите проекти за туристичко-развојните зони кои на ниту еден начин не се вклопувале со критериумите што го определуваат статусот на Охридското Езеро и природното и културно наследство на Охридскиот регион на листата на УНЕСКО.

– За заштита на водите и езерската флора и фауна во тек е комплетна реконструкција и целосно заокружување на колекторскиот систем долж целиот брег, вклучително и пречистителните станици, за што е формирано посебно државно Јавно претпријатие Колекторски систем, и се работи на финансирање за целосна реконструкција на системот, што е врвен приоритет за да се превенира загадувањето на Охридското Езеро – се наведува во владиното соопштение.

Во соработка со УНДП, Електрани на Северна Македонија и со општините Охрид, Струга и Дебрца, се вршат работи за пренасочување на реката Сатеска, како најголемиот загадувач на езерото, во старото корито кон реката Дрим.

Адресирани се и барањата на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на Охрид.

Од Владата велат дека на нивна иницијатива, во 2019 година била поддржана номинацијата на Република Албанија за проширување на заштитениот појас на охридскиот регион и од албанска страна на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, по што е формиран Меѓувладиниот Комитет за управување со сливот на Охридското Езеро, кој во текот на 2020 година одржа два состанока.

– Општина Охрид, согласно препораките на УНЕСКО, изработи посебен регистар на нелегални градби за подрачјето на општината како база на податоци во која се внесени се вкупно 1.076 досиеја за нелегални градби во периодот од 2006 година до мај 2019 година – велат од Владата.

Во контекст на новите генерални урбанистички планови за градовите Охрид и Струга, за да се примени Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО и да се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителната универзална вредност на природното и културното наследство во Охридскиот Регион, во текот на оваа година Министерството за транспорт и врски ќе донесе ДУП од државно значење за целото крајбрежје на Охридското Езеро со што се очекува да се решат проблемите со сите видови урбана узурпација на крајбрежјето и водите на езерото, додава Владата.

Според извештајот на УНЕСКО, властите на централно и на локално ниво не ги исполниле преземените обврски во 2017 година за намалување и елиминирање на идентификуваните закани за заштитеното подрачје. Извештајот содржи голем број препораки за дејствување, од кои некои треба да се спроведат веднаш, додека на други им се дава рок. Итно е да се продолжи со процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежјето на езерото, со изготвување регистар на дивоградби во сите општини во регионот и воведување вистински мораториум за градба до донесување на нови одржливи урбанистички планови.