Владата ќе ги надоместува штетите од стравотното невреме

60
Фото: Емил Јовановиќ

На терен излегоа министрите за внатрешни работи и за земјоделство, Оливер Спасовски и Трајан Димковски, кои констатираа дека се случила елементарна непогода и дека државата заедно со локалната самоуправа е целосно подготвена да помогне

При стравотното невреме што зафати делови од земјава, поточно регионот на Преспа и крајбрежјето на Охридско Езеро, кое беше проследено со силен ветер и дожд, причинета е голема материјална штета, како и прекини во снабдувањето на електричната енергија. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) известија дека нема пријавено повредени лица во невремето, а вчера на терен излегоа и министрите за внатрешни работи и за земјоделство, Оливер Спасовски и Трајан Димковски, кои констатираа дека се случила елементарна непогода и дека државата заедно со локалната самоуправа е целосно подготвена да помогне.

– Владата ќе ги ангажира сите можни капацитети да се проценат штетите, и на земјоделски производи и на објекти, за да видиме колкава штета е направена. Стапивме во контакт со ЕВН за жителите да добијат електрична енергија и да имаат чиста вода за пиење. Треба време да се санираат сите состојби, важно е дека државата заедно со локалната самоуправа е целосно подготвена да помогне – рече Спасовски.

И Димковски се согласи дека она што се случи во Преспа е елементарна непогода, бидејќи покрај штетите во овоштарниците, има и штети на куќите.

– Покрај плодот, има и оштетени дрвја и гранки. Екипите ќе излезат на терен и ќе направат процена на штетите, не само на приносите кај јаболката туку и врз самите дрвја. Тоа треба да стои во елаборатите што ќе се достават до владина комисија и потоа ќе се види колкава е процената – објасни тој.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), засега во наредниве неколку дена нема најави за слично невреме.

– Деновиве ќе преовладува стабилно и посвежо време со умерен северен ветер. В недела се очекува нов влажен бран со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни – најавија од УХМР.


Немало настрадани македонски туристи во Грција

Од силно невреме беше зафатена и соседна Грција, а во поширокиот регион на Халкидики е прогласена вонредна состојба. Во невремето загинаа најмалку шестмина туристи, меѓу кои и две деца, а едно лице се води како исчезнато. Од Министерството за надворешни работи вчера смируваа дека нема информации за повредени или загинати македонски државјани.
– Во согласност со комуникацијата остварена со надлежните служби, Генералниот конзулат на Македонија во Солун извести дека нема загинати македонски државјани во катастрофално невреме во регионот на Халкидики – известија од МНР.