Владата се откажува од користење производи во пластична амбалажа

874

Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за престанок на користење пластична амбалажа во органите на државната управа и ја задолжи Службата за општи работи и услуги при набавките за потребите на претседателот, Владата, министерствата и органите во состав, Секретаријатот и други стручни служби на Владата и Уставниот суд на РСМ да не набавува вода и други пијалаци во пластична амбалажа, како и пакувања на шеќер, пластични лажички за мешање кафе и други пијалаци, пластични сламки, пластични чаши и прибор за еднократна употреба.

Се задолжува Службата за општи работи и услуги и сите министерства и органи во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата кои непосредно набавуваат за свои потреби некои од наведените производи, при објавување на повик за јавни набавки да постават услов дека нема да склучат јавна набавка доколку производителот не докаже дека, најмалку за тековната година, ги спровел во целост обврските за проширена одговорност согласно со прописите за посебните текови на отпад и задолжително во понудата да се доставува и „потврда за ослободување од плаќање надоместок за управување со отпад од пакување“, односно „потврда за склучен договор за преземање на обврска за постапување со отпадна опрема која е основа за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадна опрема“ или, соодветно, „потврда за ослободување од плаќање на надоместок за управување со отпадни батерии и акумулатори“.