Вклучен аларм за загадувањето во Скопје и во Тетово

54

Отстранувањето на дел од опасниот отпад од кругот на ОХИС нема да ја намали еколошката закана, бидејќи на тој простор и натаму остануваат други опасни хемикалии. Тука е живата, за чие дислоцирање засега нема план, а постапката е исклучително скапа и сложена

На мерните места Карпош и Лисиче во Скопје, како и во Тетово, во текот на два последователни денa бил надминат прагот на алармирање за ПM10 честичките, поради што Владата вчера објави дека стапуваат во сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.

– Според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање за ПM10 дефиниран во уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели е надминат на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и во Тетово – се вели во владината објава.
Поради тоа, Владата им даде и конкретни задолжувања на институциите.
Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни:

– Да им препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
– Да им препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.
– Да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

– Да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомниците и да им дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите што поседуваат дозвола А – ИСКЗ, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во дозволата по однос на емисиите во воздухот.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите што поседуваат дозвола А – ИСКЗ, за намалување на капацитетот на производство (до 50 отсто), со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.
ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.

Градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.) и градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да ги пренесат до градилиштата до 7.30 часот наутро.