Вицепремиер за евроинтеграција ја загрозува евроинтеграцијата

1118
Томор Морина

ЕКСПЕРТИТЕ ЗА СЛУЧАЈОТ „МОРИНА“ И ВЛИЈАНИЕТО НА ПОЛИТИКАТА ВРЗ СУДСТВОТО И ПРАВНАТА ДРЖАВА

На можност со несакани последици за евроинтеграциите предупредува професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, кој однесувањето и заложбите на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, во случајот за екстрадиција на борецот на ОВК, Морина, ги гледа како загрозувачки за напорите на Македонија да ја убеди ЕУ дека е посветена на стабилизирање во владеењето на правната држава

Правниот случај со барање екстрадиција од Србија до Македонија на извесниот Томор Морина, поранешен борец на косовската ОВК, освен што има голем потенцијал да ги стави на тест билатерално-политичките односи и со Србија и со Косово, се чини дека посредно може да има влијание и на македонските процеси за евроинтеграција

Правниот случај со барање екстрадиција од Србија до Македонија на извесниот Томор Морина, поранешен борец на косовската ОВК, освен што има голем потенцијал да ги стави на тест билатерално-политичките односи и со Србија и со Косово, се чини дека посредно може да има влијание и на македонските процеси за евроинтеграција, односно аспирациите за добивање датум за почеток на преговорите во октомври годинава. На ваквата можност со несакани последици за евроинтеграции предупредува професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, кој однесувањето и заложбите на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во случајот „Морина“ ги гледа како загрозувачки за напорите на Македонија да ја убеди ЕУ дека е посветена на стабилизирање во владеењето на правната држава.

Имено, вицепремиерот Бујар Османи од приведувањето на Морина во Македонија, по потерница од Интерпол, отворено и медиумски упатува пораки дека поранешниот борец на ОВК нема да ѝ биде испорачан на Србија, не чекајќи надлежниот македонски Кривичен суд да се изјасни правно и процедурално за овој случај. Дури имаше и обид за посета во затвор на притворениот Морина, која не му беше дозволена од страна на судот. Токму ваквото самоволно јавно однесување на вицепремиерот, со кое покажува игнорирање на законските процедури во интерес на етничката и политичката кауза на неговата партија, професорот Калајџиев го оценува како влијание или притисок врз судството.

– Османи три години говори за правна држава и сега излегува со ваква изјава за случајот „Морина“. По ова, Османи треба да поднесе оставка. Со ова покажува дека се меша во судството, а, згора на тоа, и самиот е осомничен во друг случај. Ова, секако, ќе има влијание во евроинтеграциите и во добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ – вели професорот Калајџиев.

Во контекст на евроинтеграциите, Калајџиев истакнува дека секое однесување на официјалните лица и секое загрозување на правната држава може да имаат влијание во перцепцијата на земјите-членки на ЕУ за нашите заложби за владеењето на правната држава, што е поставено како апсолутен услов за преговори за членство со Унијата. Притоа, однесувањето на вицепремиерот Османи во случајот „Морина“ во однос на исполнување на условите за евроинтеграција, го оценува како симболично влијание, со оглед дека тој е првиот човек за македонските евроинтеграции, кои треба да ја убедуваат ЕУ дека Македонија ги исполнува поставените услови. Со ваквиот нескриен обид за влијание врз судството во интерес на национално-етничката кауза и политички поени за неговата партија ДУИ, Калајџиев смета дека Османи не покажува чувство за заедничката држава Македонија и за заедничкиот интерес.

– Правната држава е почитување на принципите и на процедурите и сите државни официјални лица треба да имаат одговорност за заедничката држава, независно од етничката или политичката припадност. Со ваквото однесување на првиот човек за евроинтеграции, кој ги става во втор план интересите на државата што меѓународно ја претставува, пред етничките и партиските интереси, не можеме во ЕУ сериозно да се претставиме како правна и политичка држава – вели Гордан Калајџиев.

Томор Морина беше уапсен на граница по меѓународна потерница издадена од Србија, а се обвинува за воени злосторства за време на косовско-српската војна на крајот од деведесеттите години од минатиот век. Во текот на двонеделниот правен процес на разгледување на аргументите за и против барањето за екстрадиција, во македонското судство (Кривичниот суд и надлежното обвинителство), министерот Османи инсистира дека нема никаква основа за екстрадиција на Томор Морина, а кога би имало, треба да се екстрадира во Косово, а не во Србија. Дури и му гарантираше на Морина дека нема да биде испорачан, пред завршувањето на правната процедура. Иако судот го одби барањето на Османи за посета на Морина во притвор, сепак косовскиот амбасадор во Македонија го посети притворениот, како косовски државјанин. Интересно е дека Морина истовремено е и британски државјанин, но досега никој од британското дипломатско претставништво во Македонија не го посетил, велат од британската амбасада.

Инаку, британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј, во овој период не е во земјава, т.е. го користи годишниот одмор.
Независно од правното решение за екстрадицијата на Томор Морина, однесувањето во овој случај на вицепремиерот Бујар Османи ја стави на тест македонската правна држава, и тоа на највисоко ниво.

– Однесувањето на министерот Османи нема никаква врска со правото, туку е само популистичко собирање политички поени за неговата партија ДУИ. Правната дилема за екстрадицијата на Морина ќе се реши онака како што наложуваат законите и меѓународните договори што ги има потпишано Македонија, но, секако, останува забележан обидот за влијание врз судството на министерот Османи. За среќа, тоа влијание беше неуспешно, бидејќи судот не му дозволи да го посети Морина. Доколку добиеше дозвола, тоа ќе беше веќе загрозување на правната држава, што, еве, не се случи. Се чини дека од ДУИ „намирисаа“ дека правното решение и практиката за екстрадиција се во корист на Морина, па затоа толку настојуваа во јавното експонирање на овој случај, припишувајќи си го како сопствен успех, за да добијат политички поени кај албанското гласачко тело – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.


Морина останува во притвор

Томор Морина, поранешниот припадник на ОВК за кого се бара екстрадиција во Србија, е одбиен од Основниот суд Скопје по неговото барање за ослободување од притвор. Одлуката на Кривичниот суд за тоа дали ќе им биде предаден на српските органи на редот, по неговото апсење на Блаце преку потерница на Интерпол, сѐ уште не е донесена.

– Тие сметаат дека притворот не треба да биде прекинат – изјави адвокатот на Морина, Никола Наумов, и најави жалба на оваа одлука.
Морина е во притвор две недели, а во моментов Косово бара негово ослободување.