Вицепремиерот Османи со честитка по повод Велигден

527

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи со видео порака денеска на православните христијани им го честита празникот Велигден.  

Честитајќи им го Велигден на, како што наведува вицепремиерот, православните Македонци и Албанци и сите други што го слават, во духот на заедништвото ги посакува вредностите на солидарност, на добрина и на надеж, кои овој ден ги симболизира.

Видеопораката е снимена пред Бигорскиот манастир за, кој Османи вели дека е еден од најубавите православни манастири во светот, но и манастир кој во својата суштина претставува и точка на обединување на различностите во Република Македонија. Реканскиот крај, по течението на реката Радика, за него е еден од најубавите предели во Македонија. 
 
– А денес е ден Велигден, најголемиот и најважниот празник на нашите православни сограѓани. Празник кој претставува симбол на солидарноста, добрината и пред се надежта. Тоа е причината зошто се наоѓам денес овде, во Бигорскиот манастир, може да се рече – еден од најубавите православни манастири во Светот, но и манастир кој во својата суштина претставува и точка на обединување на различностите во Република Македонија. Сите преданијата и легенди зборуваат дека луѓето од добра волја, од сите етнички заедници, Македонци и Албанци, заедно сплотени им пркоселе на предизвиците кои ги носеле времињата, во одбрана и заштита на овој манастир – вели Османи.
 
Видеопораката Османи ја сними на македонски со титл на албански јазик и на англиски јазик.