Висок процент верници, мал број познавачи на верата

145

Истражувањата во Македонија покажуваат дека над половина од населението во Македонија, или 52,4 отсто за себе сметаат дека се религиозни, 30,6 отсто дека се донекаде религиозни, а 16,5 отсто се изјасниле дека се малку или воопшто не се религиозни, со што земјата се смета за генерално религиозна држава

Може ли да се декларирате како православен верник, а притоа да тврдите дека бог не постои или, пак, за себе да велите дека сте голем верник и во верски храм да одите еднаш во годината, само за време на големите празници? Овие дилеми можат лесно да се извлечат речиси од сите истражувања што се прават и во Македонија, но и во православно доминантните држави од поранешниот социјалистички систем.

Резултатите од истражувањата покажуваат интересен феномен за анализа, особено поради парадоксалните податоци, односно дека луѓето сѐ повеќе сакаат да се декларираат како верници на одредена религија, без да практикуваат определени верски обичаи или, пак да имаат некакви знаења за конкретната религија.

Последното истражување на центарот за истражување „Пиврисрч“ покажува дека Грција, Босна и Србија се најрелигиозни држави од регионот.

Истражувањата во Македонија, пак, покажуваат дека над половина од населението во Македонија, или 52,4 отсто за себе сметаат дека се религиозни, 30,6 отсто дека се донекаде религиозни, а 16,5 отсто се изјасниле дека се малку или воопшто не се религиозни, со што земјата се смета за генерално религиозна држава, а тоа се однесува и за православните христијани и за припадниците на исламската религија.

Сепак, мора да се напомене дека за разлика од православните христијани, верниците што се декларираат како муслимани во земјата се поголеми практикувачи на верата, многу почесто одат во џамија и за нив религијата има поголема важност во животот.

Инаку, последните резултати од истражувањето „Перцепцијата на граѓаните за религијата и нејзината улога во мултиконфесионалните општества“, спроведено на крајот од ноември минатата година од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), заедно со веб-порталот религија.мк и фондацијата „Конрад Аденауер“, на репрезентативен примерок од 1.111 испитаници постари од 18 години, посочува дека вкупно 75 отсто од населението во Македонија ѝ припаѓаат на православната религија, 21,6 отсто на муслиманската, додека католици односно припадници на други религии се 0,4 односно 0,5 отсто, а 2,4 отсто од населението за себе сметаат дека се атеисти.

Сепак, во истражувањето е посочено дека има разлика меѓу припадност и практикување одредена религија, со оглед дека првото повеќе се перципира како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето, кои самостојно одлучуваат дали ќе ја практикуваат религијата или не.

Експертите сметаат дека тоа е феномен на традиционални верници, кои својата вероисповед ја декларираат по линија на традиционална припадност, но во суштина многу малку од нив ја практикуваат својата вера. Друг елемент е идентификувањето на верската припадност, во случајот православието со националноста, како што тоа е најизразено во Русија, Грција, Србија. Оттука, за експертите не е невообичаено што истражувањата покажуваат висок процент декларирани верници, а во практиката мал процент познавачи на верата. Една од причините за тоа треба да се бара и кај свештениците, кои многу малку учествуваат во едукацијата на верниците.
Верскиот аналитичар Цане Мојановски смета дека верувањето во бог на одредена религија се смета за еден од облиците на дефинирање на идентитетот.

– Луѓето сакаат да припаѓаат некаде, а тоа некогаш не е врзано со нивното верување. Ако сте малцинство во одредена група, ќе бидете повеќе загрозени и можеби ќе имате повеќе притисоци, затоа луѓето сакаат да припаѓаат некаде. На овие простори се смета дека христијанството е нашиот идентитет и затоа многумина се декларираат како христијани, без да имаат конкретна верба во конкретната религија – објаснува аналитичарот Мојановски.

Векослав Стефановски, еден од членовите на Асоцијацијата на македонски атеисти, вели дека на Балканот многу често имаме појава на етнорелигиозност, т.е. се смета дека заедно со гените, од родителите се наследува и религијата.

– Голем дел луѓе сметаат дека тоа е нераздвоен дел од самиот етнички идентитет, т.е. дека да се биде православен е потребно за да се биде на пример Србин, или дека Хрват може да биде само католик. Од друга страна, постои голема слобода во однос на ставот за црковните догми и учења и секому му е дозволено да има сопствено мислење – сѐ додека номинално се претставува како припадник на точната религија за соодветниот етникум. Да карикирам, дозволено е да си атеист, но мора да бидеш православен атеист или муслимански атеист – објаснува Стефановски.


Европејците се помалку религиозни

Европските граѓани се многу помалку религиозни од луѓето во другите делови на светот. Ова е резултат на сите истражувања, според кои Романија е на врвот на листата европски држави со највисок процент на религиозност кај населението, според комбинираниот индекс, кој изнесува 55 отсто од населението. Кога станува збор за индексот за верување во бог, на листата прва е Ерменија, со индекс од 79 отсто. Важноста на религијата кај граѓаните е најголема пак кај Грците, со индекс на процент од 55 отсто. Најчесто в црква одат граѓаните на Полска, или 61отсто од нив го потврдиле тоа. Чешка, Естонија, Данска, Финска се држави pewresearch се на дното од листата, каде pewresearch влијанието на религијата е под 10 отсто.


Русите со ниско ниво на религиозност

Интересен е податокот што иако за Русија постои перцепција дека е доминантна држава на православието, сепак индексот на религиозност на руското општество е само 17 отсто. Според истражувањето, само една четвртина од Русите рекле дела веруваат во бог, нешто што се коси со објавите на Руската православна црква, која доминира во православието во светот, токму со бројот на верници во земјата и затоа себеси се смета за најмоќна црква во православието.