Висевме на карпи, врзани за јажиња како алпинисти, за да ја обележиме границата

450

ТОДОР НАНЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈАТА ЗА ДЕМАРКАЦИЈА НА ГРАНИЦАТА СО КОСОВО

На 18 април, односно денеска, се навршуваат 10 години од потпишувањето на Протоколот за демаркација на македонско-косовската граница со што практично и почна целиот процес за демаркација. Со какви проблеми се соочивте за време на демаркацијата, со оглед на тоа што станува збор за тешко пристапен терен, но и уште повеќе поради фактот што конфликтот од 2001 г. почна токму од тој дел и поради постоењето на многу мински полиња?

Со оглед на тоа што граничната линија се протега по сртовите на Шар Планина, кои се повисоки од 2.000 метри, како и на Скопска Црна Гора, најголем проблем, а наедно и предизвик за членовите на мешовитата комисија беше да се стигне до местата каде што беше предвидено да се постават граничните столбови. Особено проблем беше самиот транспорт на граничните столбови. Транспортот се одвиваше со хеликоптери, теренски возила, а онаму каде што теренот беше непристапен најмногу одевме пешки и носевме со коњи и на раце. Кај што беше карпест пределот, на сртовите на Шар Планина, наместо да се постави граничен столб екипите делкаа во карпите обележување односно демаркирање, многупати врзани со јажиња заради сигурност како алпинисти. Имаше неколку места на граничниот појас, кои дотогаш не беа деминирани, а во екипата имавме двајца деминери што одеа пред нас и вршеа деминирање.

Демаркацијата беше жешка политичка тема во тој период. Имаше различни тези дека на Косово сме му отстапиле илјадници хектари земја и слично. Како претседател на Комисијата за демаркација, која на свој грб го понесе целиот товар, како го оценуваат однесувањето на политичките структури во тој период и во двете земји, колку тоа влијаеше во работењето и, секако, која беше улогата на меѓународната заедница?
Имаше политички структури што работата на комисијата високо и професионално ја оценија, но имаше и такви што сакаа да профитираат со нивните изјави дека некој некому одзема или подарува територија. На оваа тема зборував и во Вашингтон при Институтот за стратегиски истражувања, а констатација на американските официјални власти беше дека дотогаш немало толку брзо и квалитетно направена граница. Меѓународната заедница силно нѐ поддржа во реализирање на задачата наречена демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово. Во сите проблеми што произлегуваа во врска со демаркацијата (технички, логистички, проблеми со месно население), заедно со мешовитата македонско-косовска комисија ги решававме навреме. Секако, и меѓународната цивилна организација имаше свој видлив придонес во реализирањето на процесот за демаркацијата.

Каква е состојбата денес на теренот на оваа гранична линија, во однос на функционалноста на границата, режимот на движење во пограничниот појас, но исто така и во поглед на тоа дали се исполнети дадените ветувања на властите за потребите на населението што живее тука?
Немам информации дека имало какви било проблеми на граничната линија. Колку што ми е познато, месното население слободно и без никакво попречување има пристап до своето обработливо земјиште што се наоѓа по граничната линија. Ветувања секогаш имало и ќе има, но нивните исполнувања зависат од степенот на економските можности, како на Македонија така и на Косово.

Изминатиот период во глобални геополитички рамки од разни извори често се актуализираше и темата за промена на границите на Балканот. Колку овие прогнози и тези се однесуваат и ја засегаат и македонско-косовската граница, колку таа е стабилна или порозна денес, но, секако, и поради тековните разговори меѓу Белград и Приштина и разграничувањето меѓу нив?
Американскиот Институт за мир од Вашингтон, оцени дека со чинот на демаркацијата, Македонија го исполнува условот за чисти граници, за членство во ЕУ и во НАТО како и тоа дека заокружување на процесот на демаркацијата на границата со Косово е еден од клучните столбови за стабилноста во регионот. Исто така не смее да се заборави и пораката од НАТО дека Алијансата стои зад нашиот територијален интегритет и суверенитет. Оваа порака е дадена уште во 2002 година на средбата на поранешниот претседател Трајковски со делегацијата на САД при НАТО, предводена од постојаниот претставник амбасадорот Николас Барнс. Стабилноста на границата со Косово не остава никакви сомневања за нејзино нарушување, кое е потврдено со демаркацијата од 2008 до 2009 година.