Вирусот на приземно општество сѐ уште вирее

233
Фото: Игор Бансколиев

ПО ЗАСИЛЕНИОТ ГОВОР НА ОМРАЗА, НО И ПОВИЦИТЕ ЗА НАСИЛСТВО ПРЕКУ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Кој било поголем настан или случување на домашната општествено-политичка сцена не поминува без рефлексија на социјалните мрежи. Па, таков е случајот со одбележувањето на националниот празник Илинден во Крушево, на нешто помалку од една недела, каде што на социјалните мрежи зовриваат страстите, но и се провоцира насилство, што уште повеќе ја продлабочува поделбата меѓу граѓаните по сите основи. Ваквиот феномен, кој е загрижувачки и кој дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, деновиве добива интензитет по заканувачките пораки, со повик за насилство кон државни функционери, политичари, новинари, па до анонимни закани по живот испратени преку социјалните мрежи. Просто е невозможно да нема објава на друштвените мрежи, особено доколку веста е поврзана со политика, а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, за „предавниците“ или за „патриотите“, а притоа не изоставуваат ниту навредите и говорот на омраза.

Иако сите овие постапки можат да се сметаат за казниви дела, за кои се предвидени и до неколку години затвор според Кривичниот законик на Македонија, прашањето е како да се искорени ваквиот говор на омраза и да се спречи поттикнување на насилството во која било форма, но истовремено и да се пронајдат оние што се одговорни, кои го практикуваат тоа, и против нив да се преземаат соодветни мерки. Дополнително се наметнува дилемата пред празникот Илинден, како да се чувствуваат граѓаните безбедни кога некој се дрзнува да му се заканува на премиер на една држава? Во таа насока побаравме официјален став од Министерство за внатрешни работи но и од Владата, по наводите и повиците на говор на омраза во јавноста но и заканите, дали се планира да се преземат некои посебни безбедносни мерки во пресрет на празникот, како и за време на прославата на Мечкин Камен во Крушево по повод одбележувањето на празникот Илинден. Од МВР и од Владата ни одговорија дека институциите задолжени за безбедноста и спроведувањето на јавниот ред и мир се во постојана корелација со состојбите на терен, но и социјалните мрежи и се преземаат соодветни мерки со кои се гарантираат мирот и безбедноста на сите граѓани вклучувајќи ги и политичарите.

– Во МВР веќе е воспоставена практика за прием на пријави за делото, т.н. говор на омраза и дури и ги повикуваме сите граѓаните што се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, да го пријават тоа во најблиската полициска станица или на адресата [email protected] – велат од МВР.

Од друга страна, пак, професорката по комуникологија Викторија Кафеџиска смета дека во земјава постои преголема концентрација на гнев и поделеност помеѓу граѓаните, а тоа што загрижува е дека таквиот вирус забрзано се шири, пред сѐ меѓу младите, поради долгогодишното чекање за влез на нашата земја во ЕУ и во НАТО.
– Во Македонија е изгубена границата помеѓу она што е медиум, социјални мрежи и она што е приватност. Секој изречен или напишан збор на социјалните мрежи или медиумите е порака во општеството. Кога говорам за медиум, мислам за оној што потекнува од „здраво општество“, како во развиените западни земји, кои не користат навреда или омраза при својата секојдневна работа. Овде, за жал, го немаме тоа, поради што вирусот на приземно општество сѐ уште вирее во земјава – додава Кафеџиска.

Фото: Игор Бансколиев

Инаку, ширењето расистички и ксенофобичен материјал заедно со повик за насилство по пат на компјутерски систем е прецизно пропишано во Кривичниот законик, во членот 394 г. Според него, казната за ваквите повици на насилство, доколку дојде до потешки облици на прекршување на законот, може да биде и до десет години затвор. Во оваа конотација и министерот за внатрешни Оливер Спасовски, неделава, од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања рече дека се засилуваат заканите и говорот на омраза на социјалните мрежи пред прославата на националниот празник Илинден на 2 август и дека службите засилено работат на ова прашање.
Тој додаде дека досега се поднесени 82 пријави за ширење говор на омраза, но дека и обвинителството и судот треба да си ја завршат својата работа.

[email protected]