Вирусите мутираат поради климатските промени

3273

ДРАГАН ДАНИЛОВСКИ, ЕПИДЕМИОЛОГ

Не располагајќи во моментов со специфична терапија и вакцина, на располагање ни стојат само мерки за забавување на брзината на ширење на болеста, за да не се дозволи претрупување на здравствените капацитети

Граѓаните не треба да стравуваат за можноста и детектирањето на коронавирусот во земјава, со оглед на тоа што Институтот за јавно здравје има вирусолошка лабораторија, која е опремена со најсофистицирана опрема за идентификација на вируси (ПЦР) и во неа работи врвен кадар, уверува реномираниот епидемиолог Драган Даниловски.

Тестовите за идентификација на коронавирусот се засноваат на ПЦР-техника (Polymerase chain reaction) што, според Даниловски, е најсофистициран метод во светот, а се користи за идентификација и на други вируси. Освен тоа, македонското здравство, како што вели, е во состојба да се носи со предизвиците, бидејќи уште од времето на Југославија сме наследиле систем на универзална покриеност со здравствено осигурување на населението, што обезбедува поповолни услови за справување со закани, кои го загрозуваат целото население, каква што е коронавирусот.

Како се создаваат ваков тип вируси, односно мутации на вируси? Што е пресудно? Дали имаат улога климата, воздухот, храната?
– За вирусите е својствено во нивниот геном периодично да настануваат помали или поголеми мутации, кои се во функција на зголемување на нивната моќ да опфатат колку што е можно повеќе домаќини (хумани или анимални). Со климатските промени и нарушувањето на еколошката рамнотежа, веројатно, може да се очекуваат почести мутации на вирусите и во иднина. Во случајот со САРС-КоВ-2, предизвикувачот на актуелното заболување ковид-19, всушност се работи за мутиран причинител на САРС (САРС-КоВ-1), респираторно заболување, кое меѓу ноември 2002 и јули 2003 година се јави во епидемиска форма во јужна Кина и Хонгконг. Тогаш заболеа 8.098 лица, а починаа 774 или 9,6 отсто. Меѓутоа, КоВ-2 има 1.000 пати поголем потенцијал да ги инфицира клетките од КоВ-1, а од друга страна, се распространува лесно и брзо како вирусот на сезонскиот грип и предизвикува помалку смртоносна болест од САРС, што му обезбедува многу висок епидемиски потенцијал. Најнова информација е дека кинеските научници откриле дека вирусот мутирал во нов сој (најден кај 30 отсто од испитуваната група пациенти), помалку агресивен од оригиналниот, а оригиналниот, поагресивниот, бил најден кај 70 отсто од нив.

Ова покажува дека не е точно досегашното мислење дека вирусот е генетски стабилен! Се смета дека новиот (помалку агресивниот) сој во моментов доминантно се распространува низ светот (и предизвикува асимптоматски инфекции или со лесни симптоми, со застапеност до 80 отсто), иако „оригиналот“ (поагресивниот) си циркулира и понатаму во помала мера (и предизвикува инфекции со тешка и многу тешка клиничка слика, со застапеност од околу 20 отсто). Сега веќе може да се објаснат и случаите на наводна повторна инфекција со истиот вирус. Всушност, се работи за последователни инфекции со два различни вируси (два соја на вирусот КоВ-2)0. Елемент што ја објаснува високата агресивност (вируленција) на оригиналниот вид на вирусот КоВ-2 е фактот што, за разлика од неговиот претходник САРС-КоВ-1, оригиналниот КоВ-2 се врзува за истиот ензим (фурин) во мембраните на хуманите клетки, на кој се врзуваат и вирусите на ебола и ХИВ. Во неговиот геном, професорот Руан Јишоу и неговиот тим од универзитетот „Нанкаи“, нашле гени што воопшто не постојат во САРС-КоВ-1, но ги има во ХИВ и вирусот на ебола! Токму тоа и загрижува и внесува доза неизвесност околу прогнозата на неговото поведение.

Зошто последните неколку вакви типови вируси, како САРС и корона се појавија во Кина?
– Постојат културолошки фактори, кои објаснуваат како од една единечна инфекција може да се предизвика глобална здравствена криза. Еден од факторите е обичајот на тамошното население да консумира диви животни (лилјаци, ласици, мравојади, змии итн.), при што се смета дека јадењето сурово месо е особено здраво. Од друга страна, тие животни се продаваат на т.н. влажни пазари, каде што животните честопати се колат на самото место. Оваа практика очигледно носи огромни ризици за пренос врз луѓето на разни вируси, на кои дивите животни им се природни резервоари. Тука е и долгата историја на Кина на казнување на „гласникот на лоши вести“.

Докторот што ги информирал социјалните медиуми за ризикот од можна вирусна епидемија, бил повикан од полицијата во Вухан во почетокот на јануари и бил предупреден да не шири гласини. Тој неодамна почина од ковид-19. Слично било и со епидемијата на САРС во 2002 година. Таа била прикривана од локалните власти повеќе од еден месец, а хирургот што прв алармирал за болеста, бил задржан во воен притвор 45 дена.

Казнувањето на секој што ќе донел вознемирувачки вести било стандардна практика на владејачката елита во Кина уште од времето на Конфуциј. И сега замолчувањето на гласникот има помогнато смртоносниот коронавирус да се распространи во пандемиски размери.

Во една пригода изјавивте дека ова заболување следната година ќе се третира како нормално заболување од грип. Што точно значи тоа?
– Бидејќи болеста веќе има карактер на пандемија (иако СЗО официјално сè уште го нема објавено тоа), не е можно таа спонтано да стивне во скоро време. Ќе се шири сè додека густината на чувствителни лица не се намали толку, што ќе стане невозможно да се воспоставуваат синџири на инфекција. Тоа би се постигнало кога вирусот ќе опфати меѓу 40 и 70 отсто од светската популација.

Не располагајќи во моментов со специфична терапија и вакцина, на располагање ни стојат само мерки за забавување на брзината на ширење на болеста, за да не се дозволи претрупување на здравствените капацитети. Тие мерки се состојат во ограничување на движењето и на групните собири, дури и затворање на училиштата, изолација (14 дена) на оние што имале можен контакт со болни или што престојувале во земји во кои има поголем број болни. Меѓутоа, можно е да се случи и поповолно сценарио. Со настапување на потопли денови, сигурно ќе дојде и до намалување на виталноста на вирусот, а со тоа и намалување на неговата вируленција. Тогаш епидемиското ширење спонтано ќе стивне. За потоа вирусот да „воскресне“ наредната година во ладните месеци, како грипот. И така секоја година. Би добиле ново сезонско заболување, ковид-19, на кое ќе мораме да се навикнеме. Ова е само (мошне веројатна) хипотеза, врз основа на аналогија со другите респираторни вируси. Затоа, да се надеваме дека специфичен лек и вакцина ќе ни бидат достапни што поскоро.

Многубројни се контроверзиите околу појавата на овој вирус. Постојат дури и тврдења дека тој е дел од некакво биолошко оружје. Колку има логика во таквите тврдења?
– Кога ќе настанат „денови на искушение“, и тоа не само во врска со појава на епидемија на заразна болест, секогаш се појавуваат некакви „ловци во матно“, кои настапуваат со „сигурни и проверени докази“ за постоење заговор, како причина за глобалната несреќа, не водејќи сметка за последиците од тоа свое однесување. Апсолутно е исклучено дека станува збор за биолошки напад!

Никој не им го пуштил вирусот намерно на Кинезите за да им направи штета, иако штетата е огромна. Таков потег би бил многу наивен, зашто со вирусите никогаш не можете да знаете дали и како ќе мутираат и како можат да ви се вратат! Теоретски постои можност вирусот да „избегал“ од некоја лабораторија, но таквата можност е сепак многу мала, особено што секогаш таквите лаборатории се под воена контрола, како во Кина.

[email protected]