Верските права и чувства помеѓу навреда и слобода на изразување

635

По острите реакции за уметничкиот перформанс на ЛГБТ-заедницата, кој од претставниците на МПЦ-ОА и од голем број граѓани беше протолкуван како исмејување на христијанската религија и повреда на верските чувства, експертите објаснуваат дека ваквите настани најчесто се правдаат со тоа дека станува збор за уметнички перформанси и дека уметноста е ослободена од цензура, но сметаат и дека мора да се има одговорност зашто верските слободи и права се исто така човекови права како и слободата на изразување

Каде е границата меѓу слободата на изразување и навредата на чувствата на одредена група граѓани? Оваа дилема се наметна во јавноста по острите реакции за уметничкиот перформанс на ЛГБТ-заедницата реализиран во рамките на фестивалот „Недела на гордоста“, кој пред два дена се одржа во Музејот на современа уметност, а кој од претставниците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и од голем број граѓани беше протолкуван како исмејување на христијанската религија и повреда на верските чувства на припадниците на најголемата верска заедница во земјава.

Според експертите, ваквите настани најчесто се правдаат со тоа дека станува збор за уметнички перформанси и дека уметноста е ослободена од цензура, но сметаат и дека сепак мора да се има одговорност кон човековите права и чувствата на другите, зашто верските слободи и права се исто така човекови права како и слободата на изразување.

– Одговорноста е особено важна кога станува збор за општества во кои верската определба е исклучително сензитивно прашање, како што е Македонија. Мал момент може да предизвика големи проблеми. Во случајот, се препознава многу поголема доза на смислена провокација врз основа на верските чувства отколку некаков перформанс на слобода на изразување. Тие го избрале христијанството, затоа што црквата има различен став кон овие појави што ги промовира ЛГБТ-заедницата и овој перформанс е одговор на тоа, но е направен на многу навредливо ниво. Ние сме имале вакви ситуации коишто предизвикувале многу сериозни проблеми, како што беше примерот со маските на Вевчанскиот карневал – посочуваат експертите.
Славчо Димитров, куратор на фестивалот „Викенд на гордоста“, вели дека во јавноста не може да биде донесен суд дека со еден таков уметнички перформанс се навредуваат верските чувства на верниците.

– Во 21 век се донесува мислење за перформанс што застапува уметничко изразување. Станува збор за ритуална естетика претставена преку митолошки фигури. Сите преостанати обвинувања и напади се чиста хомофобна морална хистерија на која паднаа и оние кои самите се сметаат за критичари и прогресивни умови. Овие постапки личат на овие во Путинова Русија – посочи Димитров.
Еден од полибералните владици на МПЦ-ОА, Пимен, на својот фејсбук-профил напиша дека не се согласува со направениот перформанс, со кој се навредуваат верските чувства.

– Ќе кажам дека претерале, дека ни ги повредуваат христијанските чувства и веројатно ќе бидам искритикуван од истите дека сум конзервативен хомофоб.
И ќе сум, сѐ додека во името на вашите слободи на сексуална определба мислите дека мнозинството треба сѐ да трпи, да ви простува и дозволува. Гордејте се, бре луѓе, по парадите ако сакате. Верувајте си дека има на што да сте горди, ама имајте малку осет. Верувам дека осудување на овој чин ќе има и во самата ЛГБТ-заедница, бидејќи познавам многумина од нив и никој од нив не спомнал дека мора да го исмева христијанството за да биде почитуван член на истата заедница – напиша отец Пимен.
Со своја реакција за перформансот за поддршка на правата на лицата со ориентација различна од хетеросексуалната излегоа и од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, од каде што велат дека станува збор за класичен пример на говор на омраза, нетрпеливост и нетолеранција којшто е спротивен со Уставот, Законот за спречување и заштита од дискриминација, конвенциите за заштита и за унапредување на човековите права на Обединетите нации и на Советот на Европа, како и на поголем број други закони кои се темел на нашиот уставно-правен поредок.

– Сметаме дека станува збор за свесен, намерен и осмислен чин на провокација и омаловажување, што предизвикува повреда на чувствата, односно вознемирување и дискриминација кон најмалку два сегмента во нашето општество, кон регистрираните верски заедници и нивните припадници како и кон преостанатите сограѓани независно од нивната верска определба или друга афилијација. КСЗД ги повикува организаторите на настанот, како и институциите на државата, во рамките на своите надлежности да преземат соодветни чекори со кои ќе се отстрани ваквата повреда на правото. Во таа смисла, настанот од 11 јуни 2019 година, организиран од повеќе организации за поддршка на правата на лицата со ориентација различна од хетеросексуалната, претставува целосна спротивност на вака поставениот уставно-правен систем – оценија од Комисијата.

Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, пак, вели дека од медиумите имаат површни информации во однос на предметниот настан.
– Делата на секој поединец и група зборуваат за нив. Вистинските традиционални вредности можеме да ги заштитиме со нивно промовирање и живеејќи ги секојдневно. Само така можеме да го спречиме поткопувањето на вредносниот столб на општеството, а тоа е црквата. Слободата првенствено подразбира почит и коректност. Од сите кон секого – посочува Сотировски.


Муслиманите остро реагираа на маските на Вевчанскиот карневал

Слични реакции во земјата предизвикаа и маските на Вевчанскиот карневал одржан во 2012 година, за кои се сметаше дека предизвикуваат национална и верска омраза, особено кон припадниците на исламската вера.

И тогаш имаше апели од државните институции дека мора да биде преземен чекор за осуда за омаловажување и обезвреднување на националните и верските чувства на граѓаните во земјава.

[email protected]