Вартоломеј ќе може слободно да одлучува за автокефалноста на МПЦ

727

Вселенската патријаршија е еден чекор поблиску до официјалното ставање на маса прашањето за решавање на македонското црковно прашање, откако доби чиста поддршка од Грчката православна црква за украинската автокефалност… Ваквото толкување е сѐ погласно во македонската јавност, откако грчките владици викендов одлучија да ја признаат автокефалноста на Православната црква во Украина. Да потсетиме, Вселенската патријаршија со томос, годинава на Божиќ ѝ ја додели автокефалноста на Православната црква во Украина. Нашата Македонска православна црква е втора по ред во низата за признавање автокефалност

Потегот на Грчката православна црква (ГПЦ) за признавање на автокефалноста на Православната црква во Украина е очекуван, но, што е уште позначајно, тој ги враќа надежите кај македонската црковна јавност дека токму Македонската православна црква-Охридска архиепископија е следната тема на дневниот ред. Се отвораат прашањата дали може поддршката од ГПЦ за патријархот Вартоломеј (Цариградска патријаршија) да го забрза процесот за МПЦ? Дали ГПЦ ќе застане и зад автокефална црква во Македонија? Како ќе се рефлектира сето ова врз црковниот живот во земјава?

Скршен мразот за воспоставување канонско единство

Грчката православна црква ја призна автокефалноста на Православната црква во Украина и стана втората црква во православниот свет, по Вселенската патријаршија, која ќе воспостави канонско единство со украинската автокефална црква. Одлуката ја донел соборот на архијереи на ГПЦ, или популарно наречена грчката јерархија, на вонредна седница одржана викендов во Атина.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека одлуката што ја донесе ГПЦ ќе биде еден од пресвртните моменти во целата ситуација околу конфронтациите во православието околу УПЦ. Смета дека Вселенската патријаршија веќе не е осамена, се прифаќаат нејзините аргументи, против кои најгласни беа Руската православна црква и Српската православна црква.
– Може да се очекува дека ваквата одлука ќе ја следат и некои други православни цркви чии поглавари се етнички Грци, како Кипарската, Александриската, Ерусалимската, Албанската црква. И тоа ќе биде судир на „хеленското“ православие, од една страна, и со Москва (и веројатно со Белград), од друга страна, околу приматот. Ова може позитивно да се одрази во однос на МПЦ, бидејќи сега ВП добива аргумент дека може да носи одлуки кога се во прашање долготрајни црковни проблеми. СПЦ е повеќе на страната на Москва отколку на страната на Цариград и тоа ќе игра голема улога. Треба да се следи средба на ВП со српскиот црковен врв, но прашање е што може да донесе ново таа средба, со оглед на тоа дека се знаат позициите – објаснува Ѓорѓевски.

Зајакнува позицијата на Вселенската патријаршија (ВП) во православието?

Според аналитичарот Бранко Ѓорѓевски, ВП и порано ги знаеше српските позиции, но, и покрај тоа, го зеде македонското барање во процедура.
– Одлуката на ГПЦ само ја зајакна позицијата на ВП и таа сега ќе биде похрабра во преземањето конкретни одлуки. Тоа е охрабрувачки чекор за МПЦ – додава аналитичарот.
Иако руските медиуми пишуваа дека на овој собор нема да биде тема Украина, сепак во текот на заседанието архиепископот Јероним на ГПЦ имал излагање на тема „Известување за автокефалијата на црквата во Украина“. Тој се осврнал на привилегијата на Вселенската патријаршија да доделува автокефалии, како и на позитивните извештаи од двете комисии (на Светиот синод на ГПЦ, за канонско право и меѓуправославни односи, кои беа повикани да се изјаснат со став по ова прашање).
Истите информации наведуваат дека архиепископот предложил признавање на црквата во Украина, што било прифатено од мнозинството на јерархијата.
– Во овој дух, препорачувам признавање на автокефалијата на Православната црква во независната Република Украина од страна на нашата црква – рекол архиепископот Јероним.
Истото тоа го потврдил и Светиот синод на јерархијата на црквата на Грција.
– Во согласност со дневниот ред, архиепископот атински и на цела Грција, г. Јероним, одржа свое излагање, со наслов „Автокефалијата на Украинската црква“. Во предговорот на излагањето, неговото блаженство наведе дека постојаниот Свет синод на повеќе свои заседанија подробно се занимавал со ова прашање, кое го доставил и до соодветните синодски комисии – за догматски и номоканонски прашања и за меѓуправославни и меѓухристијански врски – за да се изјаснат заеднички пред Светиот синод. На 13 август годинава овие комисии ги доставија до секретаријатот заедничкиот заклучок и воведната белешка со наслов „Прашањето на канонската јурисдикција на светата митрополија киевска“. Заклучокот на комисиите, по наведувањето на петте основни позиции од номоканонски аспект, го заклучи следново: „Врз основа на кажаното, разгледувајќи го прашањето на автокефалијата на црквата во Украина од канонски, но и од правен аспект, најблагочестиво изјавуваме дека не постои никаква пречка за признавање на автокефалијата на црквата во Украина и за потполна согласност на црквата на Грција со Вселенската патријаршија – стои во соопштението од Синодот на архијереи на ГПЦ.

Што значи признаена автокефалност за МПЦ?

Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.
Минатата година премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницира постапка со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста.
Токму во овој период Вселенската патријаршија и Руската патријаршија се во битка за превласт во православието. Експертите ги толкуваат постапките на Руската црква како намера таа да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.


Руската црква дополнително ќе се изјасни за одлуката на ГПЦ

Руската православна црква најави дека оваа недела на синодска седница ќе ја разгледува одлуката на ГПЦ за признавање на украинската автокефалност. Секретарот на одделот за надворешни работи на РПЦ, Николај Баласов, изјавил дека одлуката на ГПЦ не е исправна и била донесена и покрај противењето на дел од владиците на Грчката црква.
Баласов не откри каков став ќе заземе РПЦ, но сосема е извесно дека се очекува осуда на овој чекор на ГПЦ.

[email protected]