Валканите пари се штитат со лажни вести и со вистински бомби

559

Секогаш кога се во оптек валканите пари, општеството е преплавено со лажни информации и дезинформации, сметаат аналитичарите, кои стравуваат дека со ваквиот драматичен развој на настаните наскоро би можеле да почнат да се подметнуваат и вистински бомби

Последните апсењата на осомничените за изнуда на пари од бизнисмени во аферата „Рекет“ и шпекулациите за наводната вмешаност на главната специјална обвинителка Катица Јанева целосно ја разбрануваа јавноста, а недостигот од доволен број официјални изјави од надлежните само го зголемија напливот на вести на социјалните мрежи и на порталите, кои во трката за „клик“ повеќе, воопшто и не ја проверуваат вистинитоста на информациите, туку преку интригантни наслови ги ловат читателите.

Во еден момент повеќе не се знае што е лажна вест, а што вистинита, а молкот на надлежните институции само го зголемува сомнежот дека нешто се крие и дека можеби токму овие лажни вести намерно се пуштаат за да ја дефокусираат јавноста од трагањето по вистинските креатори на криминалот и корупцијата, но и за да се скријат други проблеми во општеството.

Првичните изјави што политичарите ги даваат од типот „тркалезно па на ќош“ одат во таа насока, па затоа јавноста четири дена се занимава со прашањата каде е обвинителката Јанева, дали ќе добие отказ, дали се оперирала или не, добра ли е со здравјето, зошто се сменети директори на институции кои покажувале резултати, дали затоа што некој одбил да вработува по партиска линија, кој го има телефонскиот број на Ел Чека и дали премиерот ќе му се јави итн.

Сменетите одлуки за својата смена ги дознаваат преку медиумите, ниту се почитува постапката за разрешување, ниту, пак, се наведуваат причините за таквите потези. Во изјавите пред медиумите политичарите се удираат во гради колку се транспарентни, но во нивната транспарентност секогаш како да недостасува една работа – вистината.
– Последниве денови поинтензивно читам весници, гледам вести и следам на Интернет што се случува во државата. Според сè она што може да се види, добивам впечаток дека живееме во едно големо реално шоу. Посебно овој впечаток ми го засилува и фактот што еден од главните протагонисти во последнава афера, и самиот учествуваше во некои реални шоуа. Навистина е срамота што живееме во вака несериозна држава. Барем некој да излезеше и да кажеше како вистински стојат работите, а не од минута на минута да читаме секакви информации по медиумите, кои постојано се менуваат и подоцна се испоставува дека се лажни. Не знам во што да верувам – вели скопјанецот Јоцо Наумовски.

Според него, надлежните треба да излезат и правовремено да ја информираат јавноста околу деталите што се за јавност, за да не се внесува дополнителен сомнеж и да не се шират разни шпекулации.
– Кога обвинителката од ОЈО, на прес-конференција ја обелодени аферата „Рекет“, сигурен сум дека барем 80 отсто од новинарите што беа таму не ја разбраа, а не, пак, обичниот граѓанин. И тука почнуваат шпекулациите, инсинуациите за тоа кој бил „Кики“, а кој бил „Фрики“, дали некој бегал од државата, дали одел на одмор, дали бил во гепек… Разбирам дека некои работи се важни за истрагата, но треба да се најде модел и луѓето да бидат точно информирани за да не се добива впечаток дека нешто се крие и да не се пласираат еден куп лажни вести – додава револтирано Наумовски.
Аналитичарите сметаат дека секогаш кога се во оптек валканите пари, општеството ќе биде преплавено со лажни информации и дезинформации.

– Секогаш кога во оптек кружат пари што се црни, криминални, стекнати на нечесен начин, ќе постои поплава од противречни информации, точни, неточни, извадени од контекст, информации стари и по неколку години. Овие работи се случуваат во сите општества, ние не сме исклучок, но кај нас оваа работа како да доби драматичен тек – вели Илија Ацевски, социолог.

Тој додава дека во општеството се добива впечаток дека не постои институција која е способна да направи нешто, со што се исцрпуваат сите позитивни вредности кај луѓето и тие не веруваат повеќе дека работите би можеле да се променат на подобро.
– Ова што сега се случува кај нас, а што се пренесува преку медиумите, изгледа како пресметка на две банди, а ние стоиме настрана и посматраме. Десетици лица од претходната власт завршија на суд, но нема завршница. Десетици и од оваа власт веројатно ќе завршат така. Кој ќе ги суди нив? Како ќе се разреши ова? И самиот се прашувам во што да верувам по сето она што се пласира по медиумите. За социјалните мрежи и за Интернет воопшто и да не зборувам. Таму е општ хаос – нагласува Ацевски.
Според него, дури и еден отсто да е вистина од она што се пишува во медиумите, ситуацијата е страшна.

– Ние сме како на минско поле што во секој момент може да експлодира. Мое мислење уште од порано беше дека прислушуваните разговори, таканаречените „бомби“, не требаше да се објавуваат, бидејќи ќе направат хаос. Токму тоа и се случи. Сега не се знае кој кого уценува – истакнува Ацевски.
Негово мислење е дека дури кога ќе се исперат валканите пари, тогаш ситуацијата би можела да тргне на подобро, иако не е преголем оптимист.
– Се плашам дека ова е почетокот на нешто што ќе доведе до покрупни работи, па дури и до убиства и подметнувања на вистински бомби. Тоа ќе го прават оние што ќе бидат обесправени. Оние што имаат пари повторно ќе продолжат со поткупувања – заклучува Ацевски.