Важноста на образованието за мирот и развојот истакната на симпозиумот на ФОН

130
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еминентни академски имиња од светски ранг, добитници на Нобелова награда, бивши и сегашни политичари од повеќе земји од светот земаа учество на симпозиумот на тема „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“, одржан денеска на универзитетот ФОН, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на образованието. Учесниците се дел од новиот Универзитетски одбор за доверба на универзитетот ФОН.

Нобеловецот д-р Роберт Мундел, проф. д-р Едвард Нел, професор емеритус на Њу Скул од Њујорк и професор емеритус на Фондацијата Џон Брадемас, Вили Семлер проф. д-р за меѓународна соработка и развој, Њу Скул од Њујорк, проф. д-р Карим Еруаки, амбасадор на ОЛА-ДСЦЦ во Африканската унија и професор емеритус на универзитетот ФОН, д-р Хенри Абдо, основач и претседавач на „Титаниум Капитал“, како и претседател на Фондацијата Џон Брадемас, проф. Чарлс Гудхарт, професор емеритус на Лондонската школа за економија, беа меѓу говорниците на симпозиумот.

На Меѓународниот ден на образованието се обратија и професор д-р Нано Ружин, претседателот на Македонија Стево Пендаровски и поранешниот премиер Зоран Заев.

– Светскиот мир и одржливиот развој се овозможени со создавање пријателства, но исто така се невозможни без добро образование. Доброто образование е важен дел за одржување на светскиот мир и одржлив развој на секоја нација и секој регион низ светот. Ние сакаме да го искористиме вашето искуство за да можеме да го унапредуваме и издигнеме нашиот образовен систем. Доброто образование може да се овозможи преку одржлив и постојан развој на образовниот систем – истакна поранешниот премиер Заев на симпозиумот.

Проф. д-р Федерико Мајор Сарагоса, поранешен директор на УНЕСКО, поранешен претседавач на Европскиот совет за истражување и претседател на Фондација за култура и мир, вели дека е потребно универзитетите да се обединат и да се обидат да ги решат најважните предизвици во светот.

– Ние мораме прогресивно да ги промениме нашите животни навики, затоа што можеме и мораме. Ако не го направиме тоа, ќе стигнеме до точка од која нема враќање. Научниците претходно апелираа за исчезнувањето на глечерите, и тоа сега се случува, иако многу луѓе мислеа дека тоа е измислица. Очевидци сме на денешните последици од глобалното затоплување. Денес имаме околу 20.000 смртни случаи на деца на возраст до пет години, кои умираат од глад на места каде што нема војна. Ние имаме недостаток на солидарност – се обрати Сарагоса, преку снимена видео-порака.

Тој додаде дека е потребно е да се реагира пред да биде предоцна. Дека научната и академска сцена треба да бидат во предните редови и да претставува лидери што ќе ги решаваат овие предизвици.

– Ми претставува чест да присуствувам на симпозиумот за „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“ што го организира универзитетот ФОН по повод на Меѓународниот ден на образованието. Да ги парафразирам зборовите на Едвар Евер,  образованието е подобра одбрана на слободата од која било армија – изјави Пендаровски на симпозиумот.

Создавањето на овој одбор се очекува да пружи можност за размена на знаења и искуства, што ќе претставува значаен чекор во процесот на интернационализација на македонскиот образовен систем и на негово усовршување и развивање. Х.Ј.