Богоевски ја достави оставката до собраниските служби

119

Пратеникот Павле Богоевски денеска ја достави оставката до собраниските служби. Богоевски ја најави оставката на крајот на минатиот месец на седницата на Комисијата за деловничко-мандатно и имунитетни прашања пред отворањето на точката за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Оставката следуваше по скандалот со аудиоснимката објавена на руската мрежа „Вконтакте“, а на која се тврдеше дека Богоевски е снимен како нарачува кокаин. Тој потврди дека тоа е неговиот глас, но рече дека не нарачувал кокаин, туку масло од канабис.

Богоевски најави дека ќе поднесе оставка откако ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски.

Токму на дневен ред на денешната седница е гласањето за мандатот на Груевски. Седницата требаше да почне во 11 часот, но беше презакажана за 12:30 часот.

Претходно, Комисијата за мандатно-имунитетни прашања даде зелено светло за одземање на мандатот на Груевски кој доби политички азил во Унгарија.