Битолчани ги бркаат инкасаторите на ЈКП „Водовод“

228
Горан Козаров

Контролата покажа дека некои водомери не се прочитани со години и не ја прикажуваат реалната состојба за потрошената вода, изјави директорот на ЈКП „Водовод“ Горан Козаров

Во наредниот период, ќе се воведува електронско читање на водомерите во Битола, најавија од локалното ЈКП „Водовод“. Токму заради тоа, како што објаснија оттаму, деновиве се вршат поинтензивни контроли на водомерите при што инкасаторите неретко се соочуваат со отпор од граѓаните.

– Во иднина читањето на водомерите ќе биде електронско, ќе има програма, а наедно ќе се прави контрола колку пати сме го посетиле граѓанинот, каква ситуација е затекната и сето тоа ќе биде документирано со фотозапис. Секој водомер ќе биде фотографиран, а добиените податоци ќе се внесуваат во систем. Ќе се евидентира секоја состојба, реакција од граѓаните, но и она што ќе го затекнат инкасаторите на терен – изјави директорот на ЈКП „Водовод“

Во моментот, како што објасни директорот Козаров, тече акција за скенирање на целокупната состојба со водомерите во градот. Иако најголемиот број од граѓаните таквото скенирање позитивно го прифатија и го поддржаа, сепак, како што велат, некои битолчани покажаа отпор да ги примат инкасаторите во своите домови, па дури и во дворовите за да ги прочитаат водомерите.

– Контролата покажа дека некои водомери не се прочитани со години и не ја прикажуваат реалната состојба за потрошената вода – тврди Козаров.

По затекната состојба при скенирањето е констатирано дека читањето на водомерите еднаш или двапати годишно, како што претходно беше практика, е малку и дека не дава реални податоци за потрошената вода, така што, некои домаќинства плаќаат дури и повисоки сметки за непотрошена вода, додека други пак му должат во ЈКП „Водовод“ големи суми пари. Токму поради тоа, јавното претпријатие одлучи водомерите да се читаат почесто.

– Во Битола, заедно со соседните општини Новаци и Могила, има вкупно 50 илјади водомери, но не се сите активни. ЈКП „Водовод“ има 23 инкасатори и 4 контролори, што значи дека секој инкасатор има од 1.000 до 1.200 активни водомери. Доколку тие се читаат еднаш или двапати во годината, немаме реална состојба за потрошената вода, па за подобрување на состојбата, инкасаторите во иднина три или четири пати годишно ќе ги читаат водомерите. Сметаме дека на тој начин состојбата ќе се подобри, граѓаните ќе бидат позадоволни, а сметките поточни. Ако имаме повеќе наплатена вода го ставаме водомерот во мирување, или им ги враќаме парите, што е договор меѓу јавното претпријатие и потрошувачот каде што ќе се констатира тој проблем – посочи Козаров.