Битолските таксисти на принуден одмор

566
Фото: Игор Бансколиев

Недостигот од слободни такси-возила во Битола се должи главно на тоа што по честите контроли, кои деновиве ги спроведуваат Инспекторатот за патен сообраќај и полицијата, голем број таксисти, поради немање лиценци за вршење на дејноста, едноставно се одјавиле од такси-компаниите

Да се најде слободно такси-возило во последните денови во Битола е вистинска среќа. За разлика од пред извесно време, кога таксистите во Битола ги имаше дури и отповеќе и буквално за минута доаѓаа по добиениот повик, последните денови за слободно такси-возило се чека дури и над половина час.

Недостигот од слободни такси-возила во Битола некои битолчани го објаснуваат со кризата поради која голем број таксисти заминале на печалба во странство. Иако има вистина и во тоа, сепак недостигот од слободни такси-возила последните денови се должи главно на тоа што по честите контроли, кои деновиве ги спроведуваат Инспекторатот за патен сообраќај и полицијата, голем број таксисти, поради немање лиценци за вршење на дејноста, едноставно ги паркирале своите возила и се одјавиле од такси-компаниите.

– Масовното иселување од Битола не нѐ одмина ни нас таксистите. Поради економската криза и неисплатливоста од вршењето на такси-дејноста, голем број таксисти заминаа од Битола на печалба во странство. Особено тој одлив на таксисти се чувствува кај младите возачи, кои немаат трпение да чекаат подобри денови во такси-превозот. Оттаму, сега таксистите што вршат такси-дејност главно се повозрасни лица или пензионери, кои не можат да се одлучат да заминат во странство. Во изминатиот период голем број некогаш реномирани такси-компании, како „Монгол“, „Пајтон“, „Цајгер“ и „Конзули“, пропаднаа и заминаа во стечај. Од големиот број такси-компании, сега во градот останаа да работат само неколку.

На сето тоа, како што ни објасни еден искусен такси-возач, следува и засилената контрола на такси-службите, откако таксистите неодамна побараа зголемување на цените на услугите и се заканија дека доколку не се прифати нивното барање, тие ќе стапат во штрајк.

Таксистите од Битола побараа стартот на возењето да поскапи од 20 на 30 денари и цената да се зголеми за три денари од километар. Таквото свое барање, за усогласување на цената на такси-услугите, Здружението на лиценцирани такси-превозници го достави до Советот на општината Битола и го објасни со зголемувањето на трошоците што влегуваат во цената на такси-превозот.

– Цената на такси-превозот не е зголемена десет години, а за тоа време драстично се покачени сите трошоци околу такси-услугите. Поради овие причини апелираме до сите политички партии што партиципираат во Советот на општината Битола да го поддржат нашето барање, со кое бараме стартот на такси-превозот од 20 денари да се покачи на 30 денари, а за секој изминат километар, наместо 20 денари, колку што патниците плаќаа досега, да се наплаќа 23 денари – изјави деновиве Слободан Јанковски од Здружението на лиценцирани такси-превозници од Битола.

Иако барањето на таксистите експресно беше ставено на дневен ред на советот, сепак, барем засега, цената не е покачена и таксистите возат по старите цени. Но во меѓувреме општината Битола побара од општинскиот инспекторат за патен сообраќај, заедно со битолската полиција, да провери дали такси-возачите ги поседуваат потребните лиценци и сертификати за вршење на дејноста.

По таквата контрола, голем број таксисти што ги немале потребните документи за вршење на дејноста едноставно заминале на принуден одмор.

– Да бидеме искрени, и ние што ги имаме потребните документи сакаме да се стави ред во такси-превозот, зашто дивите таксисти што работат без лиценци нам ни нанесуваат најмногу штета. Тие возат за само 15 денари по патник и така ни ги крадат клиентите буквално од пред носот. Но лично мислам дека со ригорозните контроли што ги прават инспекторатот и полицијата во последните денови, тие претераа.

Тоа што ми се случи пред некој ден најдобро зборува за ситуацијата. Возев еден патник што имаше сериозни здравствени проблеми. Пред самиот влез во Клиничката болница ме застанаа полиција и инспекторот и ми ги побараа документите. Им ги дадов лиценцата и сертификатот и ги замолив да го однесам пациентот до болница, а потоа да се вратам по документите. Но тие не сакаа ни да слушнат за тоа и без да водат сметка за здравствената состојба на патникот, ме малтретираа доста долго.

Токму таквата ригорозност принуди голем дел од таксистите едноставно во овие топли јунски денови привремено да ја „замрзнат“ својата такси-дејност – раскажува таксистот.