Битола со три милиони денари ќе го „чисти“ воздухот

662
Фото: Васка. М. Младеновска

Со почетокот на грејната сезона и со претстојното доаѓање на зимата, во Битола повторно, којзнае по кој пат, се актуализира проблемот со загадениот воздух. Битолчани во последно време сѐ почесто и погласно го поставуваат прашањето за решавањето на овој проблем, кој како што стојат работите и оваа зима ќе биде дежурна тема во градот под Пелистер. И додека граѓаните настојуваат да се обезбедат со дрва за греење, кои, иако беше најавено дека ќе им пристигнат до почетокот на грејната сезона, сепак сѐ уште доцнат, политичките партии во советот на општината ги почнаа расправиите за тоа кој е виновен што битолчани дишат (не)чист воздух. Иако во овој момент ова е дежурна тема, сепак таа не се најде на дневен ред на последната седница на советот.

Поради немање научен и стручен пристап за решавање на проблемот со загадениот воздух и во ситуација кога на гасификацијата на Битола, битолчани изгледа ќе мораат да (при)чекаат уште неколку години, бидејќи иницијативата засега е само во фаза на изработка на проектна документација, а локалната самоуправа на Битола, се обидува со некои решенија да го реши овој во моментот нерешлив проблем, кој не само што ја оптоварува битолската јавност, туку доста негативно влијае и на здравјето на луѓето.
Деновиве општината Битола, со намера во извесна смисла да го намали загадувањето на воздухот, одлучи да го одврзе ќесето и да издвои околу три милиони денари за извесно решавање на проблемот со загадувањето. Така, по предлог од градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, во наредните денови општината од буџетот ќе издвои три милиони денари за субвенционирање на граѓаните што ќе купат печки на пелети и велосипеди. Од издвоените 3 милиони денари, два милиони се за субвенционирање на граѓаните што ќе се греат на пелети, а 1 милион денари се за тие битолчани што во наредниот период ќе купат велосипеди, со кои ќе се движат низ Битола, со што сметаат дека не само што ќе се намали сообраќајниот хаос во градот, туку ќе се намали и користењето на автомобилите, кои во голема мера, поради староста го загадуваат воздухот.

Според јавниот повик, кој го објави општината Битола, граѓаните што ќе купат печки на пелети ќе добијат до 30 отсто од вредноста на печката, но таа да не е повеќе од 20.000 денари, додека битолчаните, кои ќе се одлучат во наредните денови да набават велосипед ќе добијат по 3.000 денари субвенција.
Општината исто така одлучи да издвои средства за субвенционирање на влезниците за влез во Националниот парк Пелистер, кои досега ги плаќаа. Така, според одлуката на советот на Битола до крајот на годината, а можеби и наредните месеци, сите граѓани на Битола што ќе сакаат да го посетат Националниот парк Пелистер тоа ќе можат да го направат бесплатно и за тоа нема да плаќаат влезница, која досега ја плаќаа. Наместо граѓаните, влезниците за посета на националниот парк ќе ги плаќа општината Битола, која средствата ќе му ги рефундира на Националниот парк.

Во настојувањето да се ублажи проблемот со загадувањето на воздухот во Битола за наредните денови најголемиот електроенергетски комбинат во државата РЕК „Битола“ ќе организира голема еколошка акција за подигнување шума во комбинатот од најмалку неколку илјади садници. Со тоа во РЕК „Битола“ сметаат дека во извесна мера ќе се намали загадувањето на воздухот не само во Битола, туку и во соседните општини Могила и Новаци, кое го прави комбинатот при производството на електрична енергија.