Бигорскиот манастир – возвишен сведок на милениумската црковна историја

131
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Илјада години црковна историја е непобитен факт дека духот на Православната црква денес ги прави МПЦ и Македонија дел од единствената Христова црква, иако некои од православните центри одбиваат да го прифатат тоа како реалност

Илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020-2020 година), настан што Македонската православна црква-Охридска архиепископија ќе го одбележи во текот на следната година, ќе биде уште едно големо сведочење за нашата жива црква во православниот свет, согласни се и свештениците и експертите за верски прашања. Овој голем јубилеј, според нив, е континуитет на црковниот живот во Македонија, прикажан преку богата историја на Бигорскиот манастир, кој денес не само за Македонците туку и за православните верници од другите цркви претставува големо православно светилиште.
– Илјада години црковна историја е непобитен факт дека духот на Православната црква денес ги прави МПЦ и Македонија дел од единствената Христова црква, иако некои од православните центри одбиваат да го прифатат тоа како реалност.
Бигорскиот манастир во овие 1.000 години поминал низ разни историски премрежиња, но успеал да остане центар на духовноста од кој денес излегуваат монаси што го продолжуваат црковниот живот на МПЦ – велат оттаму.
По информацијата дека претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде покровител на големата прослава на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир, од МПЦ-ОА најавуваат дека пригодни настани ќе се случуваат во текот на целата година, но дека главната прослава ќе се одвива дури во октомври.

Инаку, Пендаровски пред неколку дена го посетил Бигорскиот манастир и посакал да се сретне со тамошните штитеници, млади што се лекуваат од разни зависности. Архимандрит Партениј му пренел на Пендаровски дека од возобновувањето на монаштвото, овој манастир и братството ја започнале својата мисија за помош на личности од ранливи социјални категории, а тој како претседател, како прв висок државник посакал отворено и срдечно да се сретне со нив.
– Вие покажувате почит кон својот народ, меѓу другото и со тоа што посакавте да ја посетите нашата обител, да ни укажете чест, да дадете една своевидна потврда и државнички легитимитет на делото што го правиме, особено со младите луѓе што се лекуваат од различни зависности. Големо достоинство е за нас што како претседател на нашата држава посакавте да се сретнете со младите што се лекуваат кај нас од тие модерни страсти на денешницата, кои навистина се голема напаст за едно општество. Всушност, им покажавте дека во вашите очи тие имаат човечко достоинство, дека сите луѓе се еднакво вредни пред општеството и скапоцени пред бога. Тие млади луѓе значат многу и за црквата и за државата. Зашто, доколку една држава нема морално и етички здрава млада популација, тогаш таа застарува и е осудена на пропаст – му кажал отецот Партениј на претседателот.

Претседателот Пендаровски, пак, посочил дека во Бигорски не е дојден како политичар, туку како обичен граѓанин, како човек, а се разбира и како верник.
– Добро е што има институција што има илјадагодишно траење, што има луѓе што се полни со знаење и мудрост и искуство, собрани на едно место, и што можат да ви пристапат како втора фамилија, како втори татковци, втори мајки, втори родители. Имате уникатна можност да се избавите од неволји со помош на овие благородни луѓе. Сакам да дадам поддршка на оваа мисија што ја прави братството, бидејќи, за жал, тие модерни пороци зафаќаат сѐ повеќе и повеќе од младата генерација. Сѐ помалку и помалку се оние што им одолеваат. Вие сте единствени што ги враќате балансот и надежта дека не е сѐ изгубено во судирот со модерните предизвици, ако можам да ги наречам така. Дека не е нужно модерниот човек да биде роб на тие навики, туку можеме и ние самите да бидеме господари на нашите животи. Се разбира, под услов ако доволно длабоко и доволно интензивно веруваме во нешто повисоко, поморално, поетичко. А тоа се корените на кои почиваат и нашата нација и нашата држава – посочил претседателот Пендаровски.

[email protected]