Бестрашни и смели, ги кинеа синџирите на вековното ропство

1140

Сведоштва на директните учесници во ослободувањето на Скопје

Во дневникот на Шеснаесеттата македонска ударна бригада е запишано: „Партизаните со нетрпение го чекаа часот за тргнување. Појдовме со песна. Војниците не сакаа да се одморат, за да стигнат што поскоро во Скопје. Се слушаа рафали од тешките митралези во височината над селото Нерези. Сликата беше прекрасна. Партизаните, кои цели три години не виделе град, сега маршираа слободно во својот роден град. Слободата како крај на борбите“

Подготовките за ослободување на Скопје биле завршени со големо нетрпение, истакнува Ангеле Михајловски-Ѓаче, директен учесник во борбите за ослободување на Скопје во своите спомени објавени во 1968 година. Ослободителите, силно мотивирани за остварување на исконските стремежи на својот македонски народ, го очекувале денот кога ќе пристигне наредбата за напад на Скопје. Вечерта помеѓу 11 и 12 ноември била соопштена наредбата. Борбите за Скопје започнале да се водат изутрината на 12 ноември. Според Ангеле Михајловски-Ѓаче, германските сили сакале Скопје „наполно да го запалат и да го уништат“, но во тоа биле спречени на 13 ноември.

Анѓа Џувалековска, соборка на Ѓаче и прва репортерка на нашиот весник „Нова Македонија“, во своите спомени од 1964 година истакнува: „Една од градските ударни групи ја држеше целата позиција од Железниот до Камени мост. А таа имаше само 20 лица. Бестрашни и смели, вооружени само со пушки и карабини, ударниците прескокнуваа преку ѕидови, претрчуваа преку улици и дворови, и се фрлаа во огнот“.

Џувалековска исто така забележува дека: „Македонскиот борец се бореше бидејќи синџирите на ропството му отежнале, не можеше повеќе да ги гледа тие ’културни‘ вандали како му го разурнуваат градот!“

По дводневните улични борби, единиците на 42-та и 50-та дивизија, како и на 16-та македонска бригада го ослободуваат Скопје. Германските воени сили имале поставено мини во сите јавни објекти, вклучувајќи и на Камени мост, меѓутоа партизанските единици со помош на населението го спречуваат нивното уништување. Во текот на борбите, железничката станица била освоена без да биде уништена, притоа биле запленети неколку локомотиви и вагони натоварени со топови, кои Германците не успеале да ги спасат.

На 14 ноември 1944 година, нашиот весник „Нова Македонија“ на своите страници го објави прогласот на Градскиот народноослободителен одбор во кој било истакнато дека „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободена. Крвавиот германски, фашистички, окупатор е истеран од нашиот град“. Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември, штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“.

На 15 ноември во 12 часот, сите бригади биле построени на плоштадот. Командантот на Главниот штаб на НОВ на Македонија генерал-лајтнант Михаил Апостолски извршил смотра на построените борци. По извршената смотра, Апостолски одржал говор и им оддал признание и благодарност што учествувале во борбите за ослободување на Македонија и на Скопје.


Борби гради во гради по улиците на главниот град

Борбата за ослободување на Скопје, започнува со нападот на 3-та и 12-та македонска бригада врз надворешниот периметар на окупаторските сили на Скопје, Кисела Вода, Лисиче и Гребенот на Каршијак (врвот на Водно). На 12 ноември 1944 година, борбите продолжуваат по улиците на Скопје, а во борбите учествувале 8-та бригада од 42-та дивизија и 50-та дивизија. Борбите продолжиле по улиците на Скопје и на 13 ноември, а 16-та бригада од Кумановската дивизија била упатена од Скопска Црна Гора кон Скопје. Таа ги нападнала окупаторските сили во реонот на скопските касарни. Во текот на уличните борби, македонската војска добила помош од ударните младински групи организирани од КПМ.


Лажни вести уште од 1944 година

Бугарските историчари постојано се обидуваат да ја наметнат приказната дека Скопје било ослободено од Првата и од Четвртата бугарска армија. Меѓутоа историските документи го побиваат ова во целост. Имено, историските записи и извори недвосмислено сведочат дека македонската војска го ослободила Скопје, пред пристигнувањето на бугарските вооружени сили, кои, по капитулацијата на Бугарија, преминале на страната на сојузниците.
Според извештајот на Главниот штаб на НОВ за Македонија до Врховниот штаб на Југославија, дознаваме дека по борбите во текот на 12 и 13 ноември, македонската војска на 14 ноември „завладеаја со целиот град и ги пречекаа бугарските сили кои доаѓаа во колони по патот Куманово – Скопје“.
Лажната вест беше лиферувана од Радио Софија на 14 ноември, што објави дека генералот Стојчев, на 14 ноември, во 6 часот го ослободил Скопје, а како претходница бил генерал-мајорот Генчев. Според ГШ на НОВ за Македонија, ваквата постапка на Бугарите предизвика „оправдан револт кај нашите борци и народи, пред чии очи ова се случува. Молиме, ако е можно, да се протестира кај Отечествениот фронт да се демантира веста на Радио Софија преку Слободна Југославија Исто така молиме бугарските трупи што побргу да се повлечат од Македонија“. На 15 ноември, штабот на Првата бугарска армија се обидел да одржи парада во Скопје, меѓутоа не му било дозволено.


Континуитетот на македонската борба за своја држава

Во текот на ослободувањето на Македонија, учествувале и старите илинденци-востаници од Илинденското востание во 1903 година. Една група стари илинденци организирале чета и на 6 октомври 1944 година му се ставиле на располагање на Главниот штаб за Македонија. За учеството на илинденците, сведочи и писмото на Наум Наумовски-Борче во кое меѓу другото се истакнува: „Драги друже, еве ти ги испраќам групата од илинденци, тие сакаат да се борат на Просек“. Учеството на старите комити е само уште еден доказ за континуитетот на македонската борба за независност.