Бесплатниот превоз на учениците лош бизнис за Битола

221

Тоа што особено ги загрижува битолчани е што наместо да се намалат долговите кон превозниците тие се зголемуваат, бидејќи каматите во некои случаи ги надминаа основните побарувања, а некои извршители од процесите со наплата на побарувањата наплатиле дури и по 200.000 евра само за извршни трошоци, а ситуацијата дополнително ја комплицира и новиот тарифник за линискиот превоз

Битола вчера буквално беше блокирана. Автобуските превозници одбија да ги превезуваат не само учениците до нивните училишта, туку и граѓаните воопшто и ги паркираа своите автобуси пред општинската зграда во знак на протест поради предложениот тарифник за линискиот превоз.

Имено, автобуските превозници, кои веќе подолго време се во војна со општинската власт, останаа цврсти на својот став да протестираат и да не возат, иако претходно Советот на општината од дневниот ред ја повлече точката за утврдување на тарифникот за регулирање на цените за линискиот превоз. Превозниците сметаат дека тарифникот што го предлага советот е неисплатлив и дека при неговото изработување воопшто никој не се консултирал со нив.

– Цените што се предложени од страна на советот се економски неисплатливи и по тие цени ние немаме намера да возиме – истакнаа превозниците на протестот.
Но со протести се заканија и учениците од неколку битолски села, како и учениците од околните градови, Ресен, Прилеп и од Демир Хисар, кои посетуваат средно образование во Битола.

– Нам досега никој не ни најави дека ни е укинат „бесплатниот превоз“. Се пожаливме во општината Новаци, но оттаму ни рекоа дека за нашиот проблем треба да се обратиме во општината Битола. Децата не ни одат на училиште три дена. Ако ова е бесплатно образование тогаш јас не знам што да кажам – вели Борче Ивановски од Гермијан.

И покрај тоа што во последно време градоначалничката Наташа Петровска е подложена на невиден притисок за решавање на проблемот со бесплатниот превоз, таа сепак нема намера да отстапи од спроведувањето на новиот закон за линиски превоз.

– Општината нема да штити ничии лични интереси на штета на образованието. Во изминатиот период на сметка на досегашните високи цени на превозот на учениците, не е направено речиси ништо во однос на санирање на тоалетите, таблите, прозорците, а ниту во нагледните средства за работа – нагласува Петровска, која смета дека некои луѓе се инструментализирани од одредени поединци и структури, кои, како што вели, криејќи се зад наводен интерес за решавање на проблемот со превозот, сакаат да остварат лични и политички поени.

– Во согласност со дополнувањата во Законот за превоз во патниот сообракај, бесплатниот превоз на ученици утврден со Законот за основно образование и Законот за средно образование на подрачјата на општините каде што има утврден возен ред ќе се врши од страна на носителите на дозвола за општински линиски превоз, по цени и начин утврдени од советите на општините. Исто така, бесплатниот превоз на ученици на две или на повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамките на меѓуопштинскиот линиски превоз се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за другите патници. На овој начин, општината Битола еднаш засекогаш треба да го реши проблемот со превозот, кој е основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта – објаснија од општината.

Поради тоа што претходно овој проблем не се решавал, во моментов долговите на битолските училишта само по основа на превоз, според градоначалничката Петровска, изнесуваат 47.700.000 денари или над 770.000 евра.

„Бесплатниот“ превоз на учениците, според некои математики, Битола досега ја чинеше ни помалку ни повеќе туку над 4,5 милиони евра, а тоа што особено ги загрижува битолчани е што наместо да се намалат долговите кон превозниците тие се зголемуваат, бидејќи каматите во некои случаи ги надминаа основните побарувања, а некои извршители од процесите со наплата на побарувањата наплатиле дури и по 200.000 евра само за извршни трошоци.