Безбедноста на испит за време на посетата на папата Франциск

466

Во Македонија во моментов нема индикации за ризичен висок потенцијал поврзан со религиска злоупотреба. Сепак, јавноста знае дека голем број борци од ИСИЛ денес се вратени во државата. Единствениот случај што на некој начин се поврзуваше со верски мотиви беше маскарот кај Смилковско Езеро во скопската околина

Крвавиот терористички напад за време на одбележување на католичкиот Велигден во Шри Ланка го шокира светот, а во македонската јавност ја врати темата за безбедноста, особено пред најавената посета на папата Франциск. Во контекст на истата тема се наметна и дилемата зошто религијата и верските празници сѐ почесто се на радарот на терористите за извршување на нивните терористички напади. Иако за посетата на папата на 7 мај годинава се најавува највисок степен на безбедност, сепак, според експертите за безбедност, во земјава се наметнува прашањето дали овие терористички напади во Шри Ланка треба да бидат предупредување од највисок степен за дополнителна внимателност за безбедноста во земјава.

Инаку, за потсетување, исклучително застрашувачки бројки од последниот терористички напад од верски побуди се случи во Шри Ланка деновиве. Имено, најмалку 200 лица загинале, а 450 лица биле повредени во бомбашките напади на три цркви и четири хотели. Властите соопштиле дека повеќето од нападите биле извршени од бомбаши-самоубијци. Од вкупно 22 милиони жители на Шри Ланка, околу 70 отсто се од будистичка, 12,6 отсто од хиндуистичка, 9,7 отсто од муслиманска и 7,6 отсто од христијанска вероисповед.

Во Македонија во моментов нема индикации за ризичен висок потенцијал поврзан со религиска злоупотреба. Сепак, јавноста знае дека голем број борци од ИСИЛ денес се вратени во државата. Единствен случај, кој на некој начин се поврзуваше со верски мотиви, беше маскарот кај Смилковско Езеро во скопската околина.

Цене Мојановски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје смета дека овој период пред доаѓањето на папата Франциск во Македонија, институциите ќе се потпрат на своите капацитети, но и на оние однадвор, кои ќе создадат максимални услови на безбедност. Тој вели дека народите што живеат во земјава не помнат историско искуство што укажува на непочитување гостин, односно секогаш имало висок степен на почитување и толеранција.

– Не можеме да се споредуваме со источните земји, зашто кај нас постои соживот со различни верски системи и толеранцијата е на повисоко ниво – додава Мојановски.
Според него, тероризмот не подразбира ниту вера, ниту религија, ниту идеологија, туку тоа е верски фанатизам што се подгрева од милитантни поведенија на религиски организации.

Веќе е најавено дека државата ќе ги преземе сите мерки за безбедност на највисоко ниво за денот на посетата на папата Франциск, поради што неофицијално се најавува дека Владата би можела да прогласи и неработен ден.

Строгите ватикански протоколи наметнуваат организација како за посета на државници од највисок ранг со најстроги контроли на безбедноста, на сите нивоа и во сите форми во Скопје. Сите здравствени институции ќе работат само за ургентни случаи, зашто според протоколот за посета на вакви личности, сите здравствени капацитети треба да бидат на располагање. Полицијата и државните институции ќе имаат целосна контрола на движењето на сите луѓе во деловите каде што ќе се движи папата Франциск за време на неговата десетчасовна посета.

Во контекст на безбедносните прашања и антитерористичките мерки, Метин Изети, професор на Државниот тетовски универзитет, вели дека целта на терористичките напади за време на прославувањето на големи верски празници е да се дигне големо ехо, да се направи поголема врева, зашто тогаш верските храмови се масовно посетени и на тој начин се влева поголем страв кај луѓето.

– Потребни се нови идеи на цивилизацијата. Не може да ги топиме разликите, туку треба да живееме заедно со разликите. Не треба повеќе да се дозволи насилството да владее со умот. Потребно е ослободување на умот кај луѓето за да го ослободиме од бедемите на насилството – објаснува професорот Изети.

Според него, народот што живее во Македонија не е примитивен, знае како да се однесува за време на вакви масовни прослави.

– Очекувам претстојното доаѓање на папата во нашата држава да помине во најдобар ред. Секогаш постои опасност и треба да се има претпазливост, но верувам во агилноста на службите – додава професорот.


ИВЗ: Во Македонија се практикува традиционалниот ислам

Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, во интервју за „Нова Македонија“ пред половина година истакна дека традиционалниот ислам што се практикува во Македонија нема никаква допирна точка со радикализмот или тероризмот. Реџепи тогаш нагласи и дека должност на државата и на компетентните институции е да му се спротивстават на секое радикално учење или движење, без оглед на верскиот предзнак, бидејќи, како што рече, тие се опасност не само за ИВЗ, туку за сите.

Инаку, во 2010 година поглаварот бараше помош од тогашната влада за спречување на влезот на различните учења на радикалниот ислам во земјава, а посочуваше и дека ИВЗ нема контрола врз неколку верски објекти во Скопје.