Безбедноста на вода ненаучена лекција

259
Фото: Архива

ТРАГИЧНИОТ НАСТАН СО ДАВЕЊЕ ВО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО КАКО ПОВОД

Капачите што користат педалинки мора да носат и елеци за спасување. На плажите треба да функционира и спасувачка служба за разни непредвидливи ризици и опасности. Но токму последниот трагичен случај со давењето на младо момче во Преспанско Езеро, покажува дека не се води сметка за многу клучни работи

Немањето доволен број спасувачи на плажите, слабата инспекциска контрола врз пловните објекти, нивната лоша техничка состојба, но и несовесното однесување на оние што ги изнајмуваат и на оние што ги користат, се главните причини за трагичните несреќи што секоја година се случуваат на македонските езера.

Последниот случај со исчезнувањето на 16-годишен малолетник од Ресен во водите на Преспанско Езеро кај Претор, откако претходно со своите другари се возел на педалинка, само дополнително го вклучи алармот во пресрет на шпицот на сезоната во август за тоа колку правилно се користат овие пловни објекти.

Во согласност со членот 21 од Законот за внатрешна пловидба, секоја плажа треба да има обезбедени технички средства за спасување, но и во шпицот од сезоната многу од плажите на охридско-струшкото крајбрежје среде сезона сè уште немаат спасувачи, кои би можеле да помогнат во секакви ситуации, а состојбата на Преспанско Езеро е уште полоша.

– Секоја година се случуваат вакви несреќи со педалинки и, за жал, најчесто животот го губат млади луѓе. Не можам да разберам како надлежните не можат да го спречат ова. Едноставно, според мене, потребни се еден правилник, не мора дури ни закон, засилени инспекциски служби и високи казни за оние што изнајмуваат и за оние што ги користат педалинките доколку не ги почитуваат прописите. Па подобро некој да плаче поради високата казна, отколку по загубата на некој близок – вели Панче Димитров, спортски рекреативец.

Тој додава дека безбедноста започнува од концесионерот на плажата и завршува кај оној што користи педалинка или друг пловен објект.
– Тој што ја издава педалинката најпрво мора да ги праша тие што ја изнајмуваат дали знаат да пливаат, ако треба и изјава да пополнат претходно, употребата на заштитен елек за спасување треба да биде задолжителна, а педалинките да не може да се оддалечуваат премногу од брегот, за да може спасувачката служба ефикасно да реагира во случај на опасност. И тие што се на педалинката треба одговорно да се однесуваат, да ги носат елеците, да не ги преоптоваруваат педалинките и да не се оддалечуваат премногу далеку од брегот, оти во случај на незгода, на спасувачите ќе им биде потребно повеќе време да пристигнат – нагласува Димитров.
Она што особено загрижува е лошата техничка состојба на голем дел од педалинките што се изнајмуваат, која никој не ја контролира.

Фото: Емил Јовановиќ

– Имаме доста проблеми со изнајмувачите на педалинки чија техничка состојба не е добра. Покрај тоа, им се издаваат педалинки на лица што не знаат да пливаат, не се носат елеци за спасување, педалинките се често претоварени, наместо по четворица, на нив има и по седум-осум луѓе. Покрај тоа, тој што издава педалинки мора постојано да е во контакт со спасувачката служба на плажата и да не дозволува пловниот објект премногу да се оддалечува – вели Сашо Точко, претседател на Црвениот крст од Охрид.

Тој дополнително алармира и за лошата состојба со недостигот од спасувачи по плажите, така што ваквата состојба може да резултира и со други несреќи во екот на сезоната.
– Во Охрид само 15 плажи се покриени со спасувачи и тие се безбедни за користење од нешто над 30 капалишта, поточно 40 отсто од плажите на охридското крајбрежје се покриени со служба за спасување, остатокот не. Многу полоша е состојбата на струшкото крајбрежје, каде што 20 отсто од плажите се безбедни за капачите. Во Преспа ситуацијата е веројатно и полоша – нагласува Точко.

Според него, потребни се почести контроли на сите што работат на плажите, концесионерите, изнајмувачите на пловни објекти и ако се утврдат неправилности, да следуваат и казни за несовесните.
– Техничката исправност на пловните објекти никој не ја контролира. Потребни се казни за да се направи некаков ред и да се спречат несреќи во иднина – констатира Точко.

„Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт со Министерството за транспорт и врски и со Капетанијата во Охрид за да се информира за законската регулатива за употреба на педалинките и за безбедносните мерки што се преземаат во насока на спречување несреќи, но од Министерството не добивме повратен одговор до затворањето на денешното издание на весникот, додека од охридската капетанија ни беше одговорено дека капетанот на Капетанијата на пристаништа, Горан Устијаноски, е на состанок и дека не знаат кога ќе се врати.

Претходно се најавуваше дека ќе се изработи законско решение со кое ќе бидат опфатени педалинките, дека ќе има поголема контрола на нивната техничка исправност, како и поголеми обврски за изнајмувачите во насока на подготвеност за интервенција во случај на тонење, претоварување или оддалечување на педалинката од брегот.