Барањата на Албанците мина за спогодбата со Грција

2017
Фото: Игор Бансколиев

Со оглед на драматичното собирање на двотретинското мнозинство за гласањето за пристапување кон уставните измени, обидите на некои од албанските партии да „протнат“ свои амандмани со етнички барања, некои аналитичари ги толкуваат како незрела политика на албанскиот субјект во земјава, но и како ново условување, кое во конкретниот момент би можело да го минира целиот процес на спогодбата со Грција

Отворањето на највисокиот правен акт за промена на уставното име како обврска што произлегува од спогодбата со Грција, некои од албанските партии сакаат да го искористат и да „протнат“ свои амандмани со етнички барања, кои делумно се веќе решени со закони. Со оглед на драматичното собирање на двотретинското мнозинство за гласањето за пристапување кон уставни измени, ваквите обиди некои од аналитичарите ги толкуваат како незрела политика на албанскиот субјект во земјава, но и како ново условување на претставниците на албанските партии до Владата, кое во дадениот момент би можело да го минира целиот процес на спогодбата со Грција доколку се земе предвид дека тие воопшто и не беа дел од преговорите за името. Според аналитичарите, влогот е преголем за ваквиот чекор што се обидуваат да го направат некои од албанскиот политички табор во Собранието, особено ако се има предвид дека Албанците досега силно ја поддржуваа спогодбата со Грција и се едногласни во настојувањата земјата да биде членка на НАТО и подоцна на ЕУ.

Од друга страна, владиниот портпарол Миле Бошњаковски во изјава за „Нова Македонија“, запрашан колку Владата е подготвена да ги прифати ваквите амандмани на албанските партии и можат ли овие барања да се согледаат како нова уцена и ултиматум до Владата во пресрет на гласањето за уставните измени и потребното двотретинско мнозинство во Собранието неопходно за уставните измени, рече дека се работи интензивно на усогласување, но сѐ уште нема датум кога ќе бидат доставени амандманите во Собранието.

– Во овој миг во тек се консултација и координација на Владата со пратениците и политичките субјекти во Собранието во однос на уставните амандмани. Моментот кога ќе имаме информација од јавен интерес по таа основа, ќе ја споделиме со јавноста, а предлог-уставните амандмани ќе бидат испратени до Собранието, каде што ќе продолжи и самиот процес – изјави Бошњаковски. Притоа портпаролот не прецизира дали новите барања на албанските партии ќе бидат вклучени во амандманските предлози на Владата до Собранието.

Паралелно на ова, очекувањата на политикологот Милан Стефановски за тоа дали евентуалните барања на албанскиот политички субјект во Собранието ќе бидат преточени во амандманите што Владата ќе ги достави до Собранието, вели дека сепак е можно некои од нив да ги видиме како документ на пленарните седници во парламентот, иако самиот подвлекува дека уставните амандмани во ниеден момент не треба да се претворат во нови етнички барања.

– Двотретинското гласање во Собранието ќе се однесува конкретно на владиниот предлог за пристапување на уставни измени само како дел од спроведување на спогодбата од Мала Преспа. Тоа во превод значи дека претставниците од албанските партии Беса и Алијансата за Албанците не би требало таквите барања да ги истакнат на седницата, бидејќи, иако тие ќе добијат политички поен во нивното гласачко тело, таквиот чекор во исто време ќе им ја одземе меѓународната поддршка, која е многу важна во овој момент. Сепак, тука не ја исклучувам и можноста тие претходно во разговорите на Владата да ги истакнале своите барања, кои сметам дека веќе се апсолвирани во законски решенија што произлегоа од Охридскиот договор. Каква ќе биде разврската за овој нов наметнат момент ќе знаеме во овие неколку наредни дена, но уставните измени во согласност со обврските од спогодбата од Мала Преспа нема да течат мазно – завршува Стефановски.

Инаку, Зијадин Села од Алијансата за Албанците и Билал Касами од Беса и понатаму не се откажуваат од дополнителни амандмани за промена на Уставот покрај оние договорени со Грција за промена на името Република Македонија. Тие најавуваат амандмани со кои албанската заедница би била запишана како државотворен народ на Македонија. За ДУИ сега за сега приоритет е зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.

– Сметам дека процесот на решавање на спорот за името е од апсолутен приоритет, и тоа е најзначајниот процес од осамостојувањето до денес. Нема да дозволиме за дневнополитичко профитирање да се загрози интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ – изјави неодамна пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Од Беса и од Алијансата за Албанците засега нема најави дека ќе отстапат од своето барање за дополнителни амандмани што ќе се однесуваат на позицијата на Албанците во Македонија, а тука не случајно се споменуваат точките од т.н. тиранска платформа. Некои од точките на тиранската платформа се однесуваат и на Уставот на Република Македонија, во кој треба да се одреди дека македонскиот јазик и кирилското писмо и албанскиот јазик со своето писмо се службени јазици во Македонија. Во тој документ потпишан од претставниците на партиите на Албанците во Македонија и од премиерот на Албанија, Еди Рама, се вели дека е неопходна и „сеопфатна дебата околу знамето, химната, државниот грб, за државните симболи да ги рефлектираат мултиетничкото општество и етничката рамноправност“.