Балканот станува шпионско елдорадо

217

Колку разузнавачките служби на земјите од Балканот се активни кон своите соседи? Какви се, пак, актуелните интереси на светските сили за овие простори во контекст на нивните геостратегиски цели и во тој контекст колкав е интензитетот на разузнавачките операции што тие ги спроведуваат во регионов? Дали е навистина точна информацијата дека разузнавачките служби ги зголемиле своите активности во регионов?

Колку разузнавачките служби на земјите од Балканот се активни кон своите соседи? Какви се, пак, актуелните интереси на светските сили за овие простори во контекст на нивните геостратегиски цели и во тој контекст колкав е интензитетот на разузнавачките операции што тие ги спроведуваат во регионов? Дали е навистина точна информацијата дека разузнавачките служби ги зголемиле своите активности во регионов? Ова се само некои од дилемите што се наметнуваат во домашната и во регионалната стручна јавност, по индициите изнесени во анализата на балканскиот сервис на Ал џезира, дека Балканот станува локацијата во која изминатиов период се засилуваат активностите на специјализираните безбедносно-разузнавачки служби.
Имено, Никола Луниќ, извршен директор на Советот за стратегиски политики, вели дека според неговата перцепција и јавно достапните информации од безбедносна природа, регионот личи на поле за кое разузнавачките служби имаат експлицитен интерес.

– Сите балкански држави, за жал, се „исклучително талентирани“ да го привлечат вниманието на светските сили во нашиот регион да имаат некој експлицитен интерес – вели Луниќ.
Луниќ, поаѓајќи од неговите искуства од оваа проблематика, тврди дека кога некоја голема сила има свој интерес за некои нешта во регионот, тогаш за остварувањето на таа цел се користат сите средства и дипломатски и политички и економски, а особено разузнавачки. Интересно е неговото тврдење дека често користена практика за таквите интереси и цели е т.н. хибридно дејствување, а тоа значи не само на прикриените разузнавачи професионалци и нивните соработници, туку и на официјалните претставници на амбасадите со дипломатскиот имунитет, како и од медиумите, кои се третирани како „отворени извори на информирање“.

Во истиот контекст, хрватскиот аналитичар Анте Летица, кој е поранешен разузнавач и член на управниот одбор на Институтот за истражувања на хибридни конфликти, вели дека не може никогаш да се има точна претстава за квалитетот и волуменот на информации што еден разузнавач може да ги собере на Балканот со своето дејствување на терен. Поранешниот разузнавач Летица вели дека ја следел и последната афера во Србија, каде што била вмешана и руската разузнавачка ФСБ и го загрижиле одредени индикатори дека руската агентура во истиот случај дејствувала не само во Белград, туку и во Хрватска. Тој објаснува дека на Балканот, каде што сиромаштијата сѐ повеќе зема замав, разузнавачките служби сѐ помалку ги користат методите на уцена, компромитација и патриотизам, а сѐ повеќе безбедносно сензитивни информации се добиваат со купување на информацијата, односно на принципот „ти мене информација јас тебе пари“.

– Во зависност од интересот и во зависност од квалитетот на информациите и платежната моќ на „работодавецот“ се разликува и висината на сумата. Тоа не е ништо невообичаено – вели Летица.

Загрепскиот познавач на случувањата тврди дека сите разузнавачи на теренот си имаат свои „соработници“, кои се домицилни граѓани на државите во регионот. Тие соработници, работејќи си ја својата секојдневна работа, всушност, доаѓаат во допир со безбедносно интересни информации или документи, кои му ги презентираат на својот „работодавец“ односно на разузнавачот. За секоја информација што ќе биде оценета како квалитетна од „работодавецот“ му се плаќа на изворот. Информациите може да бидат, на пример, за одредени актуелни состојби во некоја безбедносна институција или информации од типот за политички состојби во одредена област на државата, прашања од национален или меѓупартиски карактер, за тоа кој ќе биде избран на некоја следна функција, или информации од персонален карактер за актуелни или идни функционери, кои не можат да се добијат од јавни извори на информирање.

Летица резимира дека во денешно време, секој секого шпионира, но колку е успешно тоа зависи од поставените цели на таа разузнавачка дејност.

– И големите сили се шпионираат меѓу себе, па дури и пријателските. Тука во шпионирањето нема пријателства, туку едноставно може да постои само партнерски однос меѓу државите, кој може да трае до оној момент додека трае заедничкиот интерес за одредена работа, а потоа пријателството згаснува. Разузнавањето дополнително не зависи од политичките релации меѓу државите, тоа е константен процес што не прекинува. Единствено е нормално во услови кога се влошени државните релации да се зголемат обемот и темпото на шпионирањето. Тоа е така бидејќи разузнавањето е еден од најстарите занаети на човештвото – вели Летица.
Универзитетскиот професор Томе Батковски ги коментира актуелните случувања со фактот дека секоја држава тргнува од своите витални интереси, потоа врши соодветни безбедносни подготовки, па оттаму спроведува и одредени активности.

– Според тоа, во зависност за која држава станува збор, секоја од нив разузнавачки го сондира теренот и во согласност со своите витални интереси поставува соодветни цели од разузнавачка природа – вели Батковски.
Професорот објаснува дека безбедносната наука бележи случаи во кои сите држави, според расположливите средства и мерки, натаму изведуваат соодветни конкретни заклучоци од своите операции според поставената цел, која се менува во даден простор и време.

– Нема да се погреши ако се каже дека сите држави или дури воени блокови во безбедносна смисла на зборот имаат свои цели во даден регион, област или странска држава – вели професорот.

Според него, токму затоа разузнавањето и разузнавачкиот интерес никогаш не прекинуваат во одреден регион или држава, туку тие се активираат, се зголемуваат или се намалуваат, во зависност од поставените витални интереси на конкретниот субјект.

– Од оваа перспектива истите правила важат и за Македонија и за нашиот регион – вели професорот.
И професорот на Факултетот за безбедност во Скопје, Марјан Ѓуровски, цени дека интензитетот и обемот на разузнавањето во регионот е во нагорна линија.
– Сите последни случувања од овој домен говорат дека во регионот постои одреден интерес за дејствување на антизападните служби, во моменти кога се затвораат одредени прашања, како што е на пример процесот за членството на Македонија во НАТО, решавањето на прашањата меѓу Белград и Приштина и иднината на Босна и Херцеговина – вели професорот Ѓуровски.

Во својот осврт на случувањата македонскиот професор вели дека исклучително е битно во овие моменти да се утврди колку може домашниот безбедносен систем да биде отпорен на овие случувања и каков одговор може да се даде на тие субверзивни активности на странските разузнавачки служби на почвата на државите од Западен Балкан. Според професорот, македонскиот безбедносен систем во овој момент можеби е сѐ уште ранлив на овие дејствувања сѐ додека функционално не се заврши процесот за спроведување реформи и трансформација на тајните агенции и служби.

Фото: Маја Јаневска-Илиева