Африка во Македонија

360
Фото: Игор Бансколиев

Според синоптичарите, тропските горештини ќе почнат од утре и ќе траат до наредната недела, кога се очекува на некои места максималните температури да се искачат и над 42 степени. Што препорачуваат лекарите за справување со жештините

Африкански топлотен бран до крајот на неделава ќе ја зафати државата. Температурите ќе бележат тенденција на голем пораст, кои на повеќе места ќе се искачат над 35 степени, а во централните и во југоисточните предели во текот на претстојниот викенд температурите уште повеќе ќе се зголемат и се очекува да стигнат и до 42 степена.
Според синоптичарите, тропските горештини ќе почнат од среда и ќе траат до наредната недела, кога се очекува на некои места максималните температури да се искачат и над 42 степени.

ОД УХМР информираат дека претстојниот викенд следуваат високи жештини.
– Доста висок ќе биде и УВ-индексот. Вечерите и утрата ќе бидат поспарни и помачни, па затоа се препорачува граѓаните да ги почитуваат и препораките на лекарите и да консумираат повеќе течности. И ноќната температура ќе биде во пораст. В сабота и в недела температурите ќе пораснат и до 41 степен. Особено високи температури се очекуваат во југоисточниот дел од земјата. Тогаш сигурно ќе биде жолта фаза, но дополнително ќе ги информираме граѓаните за тоа – додаваат од Управата.
Докторите, пак, за заштита на населението од високите температури препорачуваат од 10 до 17 часот, кога е најтоплиот период од денот, да се избегнува напорна физичка активност, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности.

– Во следните денови е потребно да се консумира големо количество течност, да се внесува помало количество храна, која не содржи многу маснотии и шеќер, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци што содржат кофеин, како и екстремно студени пијалаци. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, како и да се престојува во затворени климатизирани простории. При престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, како и да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на сонце – посочуваат докторите.
Особено се посочува хронично болните, како тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, да бидат дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија.

– При чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивна жед и главоболка, се препорачува да се консумира вода или негазиран минерален пијалак, да се побара помош, да се оди на постудено место колку што е можно побрзо и да се измери телесната температура. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Пред употреба задолжително треба да се мијат свежиот зеленчук и овошје, термички да се приготвува храната и да се консумира веднаш по приготвувањето – нагласуваат лекарите.