Архангел Михаил чувар на македонската традиција

426

Теолозите истакнуваат дека одбележувањето на домашниот празник, или слава, претставува начин на прославување на светците, како што практикува и македонскиот православен народ во неговата традиција и црковно живеење. Сметаат дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава

Речиси секое второ семејство во земјава овој период од годината има домашна слава или именден што ги прославува. Православните христијани секоја година на 21 ноември го празнуваат Свети Архангел Михаил, еден од најголемите христијански празници и една од најчестите куќни слави. Потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави.

Теолозите истакнуваат дека одбележувањето на домашниот празник, или слава, претставува начин на прославување на светците, како што практикува и македонскиот православен народ во неговата традиција и црковно живеење. Сметаат дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава.
Отец Бобан Митевски од Скопската епархија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија вели дека ангелите божји луѓето ги празнуваат уште од старо време.

– Но тоа празнување често преминувало во обожување на ангелите. Некои во ангелите гледале богови, други, иако не ги сметале за богови, ги нарекувале создатели на целиот видлив свет. Во времето, пак, на Силвестер, папа римски и Александар, патријарх александриски, бил востановен овој празник на архистратигот Михаил и преостанатите небесни сили. Секој народ има свој ангел чувар, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел чувар. Од светото писмо и од светото предание, православната црква дознала за имињата на седумте ангелски сили, и тоа: Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Салатил, Јегудил, Варахил, а се спомнува и името на ангелот Јеремил – посочува отецот Митевски.

Тој вели дека Михаил на еврејски јазик значи: „кој е како Бог“, или, „кој му е рамен на бога?“

– Свети Михаил е претставен уште од првите христијански времиња како војвода, кој во десната рака држи копје, со кое го потпира сатаната, а во левата има палмова зелена гранка. На врвот на копјето има платнена панделка со црвен крст. Архангел Михаил се смета посебно за чувар на православната вера, борец против ересите – објаснува отец Митевски.

[email protected]