Арсоски: Стратешката насока од осамостојувањето е пред конечно остварување

397

Во Северноатланската алијанса влегува целото македонско општество, но повеќе од јасно е дека Армијата е таа која го предводи патот. За македонската висока политика овој чин претставува успешно завршена работа. Но, за нас во Армијата, допрва претстои сериозна работа за потполно интегрирање во воената компонента на Алијансата, кажа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски, во својот говор пред ешалоните на припадниците на командата и сите потчинети единици на ЗОК, кои го прославија 17 Октомври – Денот на единицата, со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

– Во годинава меѓу двата празници, се случија многу суштински промени кои што во ваква прилика треба да се истакнат особено, бидејќи тие промени позитивно влијаат на перспективите на сите нас во армијата. Нашата татковина ја доби долгоочекуваната и одамна заслужена покана за прием во НАТО. Стратешката насока од осамостојувањето е пред конечно остварување. Ако минатата година, имавме надеж дека наскоро ќе бидеме дел од големото семејство на НАТО, денеска веќе сме сосема сигурни дека стануваме 30-та членка на Алијансата, што за нас отвара нови можности и перспективи. Со таа стратешка определба и стремеж, на Армијата и пристапуваа, во нејзините редови созреваа и се усовршуваа цели генерации на старешини и војници. Денеска со гордост истакнуваме, дека Армијата во изминатите 27 години беше лидер и предводник на усвојување на стандарди предвидени за една држава-членка на НАТО – истакна Арсоски.

На воената свеченост присуствуваше и македонскиот претседател и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, кој се сретна со неколку генерали во Армијата. Во пресрет на полноправното членство на Македонија во НАТО, во фокус на разговорите на средбата беа состојбите и подготвеноста на нашата Армија.