Антикорупциска: Платформите на Матка не може да се легализираат

231

Градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, кривично да одговара поради непостапување по барањата за легализација на дивите платформи на Матка, а Владата да ги одземе градежните овластувања на Општината, предложи денес Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупционерите утврдија дека платформите на Матка не може да бидат легализирани оти се објекти од времен карактер, а освен тоа, во поднесените барања за легализација недостигале низа согласности од надлежни органи.

– Поднесени се две барања за легализација на 8.2 од Амет Саити и Џемал Саити. Констатиравме дека градоначалникот не одговорил на барателот иако општините се тие кои даваат дозвола за градење од локален карактер. Градоначалникот е надлежен да решава. Со непостапување се прекршени одредбите од Законот за локална самоуправа – образложи Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупциската комисија констатираше дека според извештајот на Државниот инспекторат, без водостопанска согласност не може да се гради на таа локација.

 – Државниот инспекторат констатирал дека барателите на легализација на објектите треба да ги отстранат. Воедно упатена е и забрана на таа локација да има моторни чамци – рече Ивановска.

Таа нагласи дека ако градоначалникот одговорел на барањата и донел решение дека не може да се легализираат, институциите ќе можеле да постапуваат.


Отворен предмет за имотот на поранешниот директор на МЕПСО

Антикорупциската комисија отвори предмет за ексдиректорот на МЕПСО, Сашо Василевски, и ќе го испитува неговиот имот. Антикорупциската комисија ќе испитува дали со приходите што тој ги имал можел да се стекне со толкав имот, како и за начинот на кој го стекнал.