Антикорупционерите пред предизвикот на лажните пријави

92

Заради намалување на ризикот за добивање на т.н. лажни пријави, во Државната комисија за спречување на корупцијата размислуваат да направат одреден образец според кој ќе се бараат минимум документи како доказ за поднесување пријава. Методологијата сѐ уште не е искристализирана, но оттаму велат дека од досегашната работа тоа се наметнува како потреба

Динамиката во работата и отвореноста за соработка на Државната комисија за спречување на корупцијата поставуваат пред неа креативни предизвици од различен карактер. Овој состав на антикорупционерската комисија во поведувањето постапки покажува и сопствена иницијативност, покрај тоа што постапува и по пријави од граѓани. Пред одреден временски период во јавноста се постави прашањето дали ваквата воспоставена практика може да предизвика пренатрупаност со предмети, но и дали поведувањето постапки во толкав број, во конкретен политички период може да значи и политички притисок насочен кон одредени носители на јавни функции. Тогаш антикорупционерите излегоа со аргументот дека постапуваат неселективно и во секој случај каде што проценуваат дека се јавува сомневање за можност од корупција или судир на интереси. Врз основа на доказите проценуваат дали ќе ја затворат постапката или ќе ја процесираат во понатамошна судска постапка.

Сепак, неодамна претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, повика да не се доставуваат лажни пријави со цел дискредитирање на политичките противници. Според првaта aнтикорупционерка, лесното прифаќање на лажните пријави ја става комисијата во служба на партиски препукувања со клевети. Причина за ваквиот апел на Ивановска беше поднесената пријава до ДКСК против министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за негова наводна поврзаност во сопственичката структура на грчки фирми. Министерот уште веднаш реагираше во јавноста со деманти, но и самиот дал изјава во антикорупциската комисија.

– Во однос на тој конкретен случај, функционерот кој беше предмет на пријавата самиот даде изјава под морална и материјална одговорност дека не бил поврзан со фирми споменати во наводите од пријавата, но и самиот приложи документи од ПИОМ. Сепак, комисијата ја запази процедурата и спроведе истрага, односно побаравме докази од Централниот регистар за сопственичката структура на фирмите наведени во пријавата и се покажа дека името на функционерот не се споменува во изводите од регистарот – вели Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Но освен оваа неоснована пријава, Ивановска наведува дека само на истата таа седница биле разгледувани уште барем две пријави кои се покажале како лажни. Покрај споменатите, на други седници на ДКСК се појавиле уште неколку неосновани пријави

– Реагирав бидејќи не е коректно злонамерно да се доставуваат лажни пријави со цел да се парализира работата на комисијата и да се наштети на угледот на оној против кого е поднесена пријавата, заборавајќи притоа дека најмногу си наштетуваат на својот углед. Секој со своето однесување одговара за својот кредибилитет во јавноста, но ако се повикуваме на општествена одговорност, не е коректно да се злоупотребуваат транспарентноста и отвореноста за соработка на ДКСК – вели Ивановска.
Во врска со намалување на ризикот за добивање на т.н. лажни пријави, во ДКСК размислуваат да направат одреден образец според кој ќе се бараат минимум документи како доказ за поднесување пријава. Методологијата сѐ уште не е искристализирана, но велат дека од досегашната работа на комисијата тоа се покажува како потреба.
Од друга страна, пак, поранешните антикорупционери сметаат дека во ДКСК треба да бидат благодарни ако примаат пријави од граѓаните, зашто тоа значи дека ја респектираат институцијата.

– Една од основните работи на комисијата е да прима пријави од граѓаните и да постапува според нив, исто како и да отвора предмети според сопствена процена. Во ДКСК треба да бидат благодарни ако добиваат пријави од граѓаните, било да се тие анонимни или пријавителот да се легитимира, зашто тоа значи дека имаат доверба во институцијата. Обврска на ДКСК е да ги провери наводите во пријавата и ако се констатира дека наводите се неосновани, едноставно се запира постапката. Тоа не е никаков проблем ако нема последици. А ако комисијата постапи според должноста и се покаже дека пријавата е неоснована, последиците се секако помали отколку да се поведува судска постапка. Се претпоставува дека членовите на комисијата се доволно стручни да ја оценат основаноста на пријавата и дали има елементи за отворање истрага. Неоснованото, или т.н. лажно пријавување не мора да значи тенденциозност од страна на тој што пријавува. Можеби има сомневање, но нема начин да дојде до докази, што на ДКСК, како овластена институција, секако ѝ е полесно – вели Мирјана Димовска, поранешна претседателка на ДКСК.