Анализите покажаа дека РДФ отпадот од Италија е според европски стандарди

106

Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и Царинската управа, на 29 јануари изврши вонреден инспекциски надзор на 15 камиони со РДФ отпад од Италија.

Отпадот се превезувал во камиони кои беа запрени на влез на граничниот премин „Богородица“.

– Од отпадот беа земени мостри, а со цел поголема веродостојност на резултатите, земените мостри беа доставени до Истражен центар за животна средина во Естонија. Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри од РДФ отпад направени во независната лабораторија на Естонија потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за цврсти обновени горива – информираат од ресорното министерство.

Според стандардот, РДФ отпадот е класифициран во 5 дозволени класи врз основа на три параметри: нето калорична вредност, содржината на хлор и содржина на жива.

Од Министерството за животна средина посочуваат дека првата испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калоричната вредност (во граници на нормала), четврта класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала).

Втората испитана мостра припаѓа на трета класа според нето калорична вредност (во граници на нормала), трета класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала).