Адеми: Се подготвува национална стратегија за дијаспората

128

Националната стратегија за соработка со дијаспората 2018-2023 е при крај и се очекува да се донесе до крајот на летото. Тоа е прв стратешки документ што една Влада во овие 27 години го работи во делот на дијаспората. Ова го истакнува министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми во интервју за МИА.  

– Националната стратегија има четири клучни столбови. Првиот е политичко-административниот дел каде се регулира правото на гласање на дијаспората, забрзување на документацијата, создавање побрз и пофункционален систем за да не се чекаат документи со месеци. Вториот столб е економскиот и инвестициски аспект. Законот за финансиска поддршка на инвестициите иако беше предвиден во Националната стратегијата, веќе е донесен. Во овој дел е и соработка меѓу бизнисите и промоција во туризмот- вели Адеми. 

Третиот столб е за образование, наука и млади. Појаснува дека во овој дел има доста активности за изучување на мајчиниот јазик, за зголемување на бројот на наставници кои ќе бидат испратени или веќе живеат и работат во некоја од земјите кои може државата да ги искористи и ангажира во учење на мајчин јазик на децата на дијаспората, кои се по потекло од Македонија. 

– Во рамки на тој столб се размислува за отворање еден истражувачки центар за прашања и политики од интерес на дијаспората во рамки на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Четвртиот столб е за култура и за промоција на културните вредности во Република Македонија, да се промовира културната различност- нагласува Адеми.

Министерот Адеми во интервјуто додава дека тие се носители во изработката на Националната стратегија,  а се вклучени претставници на сите оние министерства кои имаат надлежности со дијаспората, како министерствата за финансии, за надворешни работи, за внатрешни, за труд и социјална политика, за образование и наука, за култура, за здравство, Агенцијата за иселеништво, експерти од Македонија, универзитетски професори… Вклучени се поголеми организации од дијаспората како Обединетата македонска диајспора-ОМД, Форумот за демократска Македонија, Сојузот на македонски здруженија од Шведска кои испратиле свои ставови и идеи. Националната стратегија се изработува со стручна поддршка на Меѓународната организација за миграции-ИОМ.

Во интервјуто Адеми истакнува дека Македонија е една од ретките земји во регионот, можеби и единствена, која нема закон за дијаспора. Според него, потребен е таков закон и во иднина, без разлика кој и да е на власт, доколку не успее идејата да се формира министерство за дијаспора, важно е да имаме барем министер за дијаспора.